ИНТЕРВЈУ: Лили Кадинска – Верувам во себе, верувам во љубов и во мојот мал круг на луѓе што прави светот да не ми изгледа тесен

0

Лили Кадинска е модна дизајнерка која својата уметност ја претставува преку колекциите на Le Brand. И наместо да зборуваме за тоа што ќе се носи идната сезона, се обидовме да ја доловиме Лили приватно, да ѕирнеме во нејзините размислувања, да ни открие дел од себе… Искрено, привлечно и моќно зборува за нејзините ставови околу модата, поривот за создавање и нештата во кои верува.

Која е Лили во моментите кога не создава облека? Што ја радува, во што верува, на што се надева?

Кога не создавам облека конкретно, тогаш повторно во потсвеста некаде креирам. Мојата работа е мое задоволство, заедно со многу други сегменти коишто се дел од моето секојдневие. Не верувам дека сум  многу различна кога работам од вообичаено, само повеќе фокусирана на работата најверојатно. Ме радува ќерка ми, насмевката на лицето на задоволен клиент, повик од драга личност, средбите со луѓето што ми значат, сончево утро, првото кафе, убави чевли. Во принцип се радувам на мали работи. Верувам во себе, верувам во љубов и во мојот мал круг на луѓе што прави светот да не ми изгледа тесен, верувам во успех кој се базира врз темелно изоден пат и во тоа дека секој може да го пронајде своето место под сонцето.  Јас сум непоправлива мечтателка и постојано сонувам. Се надевам дека соновите се оставаруваат.

Кои се книгите кои со задоволство би ги прочитала барем уште неколку пати?

Книгите со стручна тематика се оние на коишто често се навраќам.

63c7f7cb-ca23-4b99-9961-0e6f3c410a42

А кои филмови може да ги гледаш бесконечно многу?

Тоа се филмовите кои сум ги гледала во детството, а за кои подоцна сум осознала дека се врвни уметнички изрази. Ја обожавам Жулиет Бинош, а нејзината улога во „Три бои сино“, за мене е најдобро одиграната женска улога кога било. Сите нејзини филмови би можела да ги гледам бесконечно многу. Ги обожавам филмовите на Кјубрик, Полански, Алмодовар… Меѓу омилените е и Тим Бартон. Сакам да откривам нови моменти и нови емоции во филмовите. Важни ми се впечатливите реплики и специфичната естетика. Сакам филмови и многу често директно или индиректно ги користам при градењето на концептите во мојата работа.

Кои се парчињата облека во твојот плакар од кои никогаш не би се одделила?

 И покрај тоа што креирам и правам облека, кога се работи за мојот плакар, мора да кажам дека го имам само она што го носам. Останатата облека ја подарувам или ја складирам. Нема такви од кои не би се одделила по секоја цена. Ние луѓето се трансформираме, се менуваме во зависност од многу фактори. Треба да останеме свесни што ни прилега, а што не.

10984216_839782089441212_660127627627098442_n

Каква е уличната мода во твојата Битола?

Многу пати сум размислувала за ова прашање. Секогаш може повеќе. Има во Битола прекрасно облечени луѓе, но тие се малку и не може да ја креираат сликата за уличната мода. Уличната мода е одразот на секој град, односно со каква структура на население располага. Не зборувам тука за социјалните и општествени прилики, туку за потребата од културен и персонален идентитет. Модата се карактеризира како јазик, преку којшто може да го кажеме она што го носиме во себе. Проблемот е во тоа што се помалку сакаме да кажеме. Недостатокот на  чувство за припадност кон определени субкултурни движења, кон определени групи или идеологии, недостатокот од такви движења, недостатокот на смелост и прогресивно размислување, недостатокот на идентитет и погрешните идоли креираат анемична улична мода. Во големите модни центри уличната мода е главниот извор на инспирација за многу дизајнери.

Што те инспирира?

Може да ме инспирира сѐ она што ќе го привлече моето внимание. Како што созревав креативно и како што го градев својот стил се инспирирав од конкретни моменти. Минимализмот, чистите форми, геометријата и играта со конструкциските моменти се задолжителен дел во градењето на концептите на Ле Бранд. А, естетскиот дел може да биде инспириран од некој филм, музика, фотографија, модерна архитектура, се од култура… Сѐ она што во принцип го следам постојано и ме интересира.

73d88f31-7ad4-491d-988a-e933cd9775e7 47a1b861-0a95-4326-9d58-25ff19c8c8dc

Како модата може да го промени светот на подобро?

Сметам дека тоа го прави модата преку директна соработка со останатите гранки, како науката, уметноста, економијата итн. Секако, како и сè останато верувам дека има и лоши страни. Но,  да останам во рамките на прашањето. Модата исто како и науката има за цел да направи нешто ново, да претстави нешто што дотогаш било непознато, некоја иновација и промена во светот. И модата и науката во својата ДНК ја содржат промената. Паметните материјали, нано технологијата итн. Постојат сѐ поголем број проекти и конкурси во кои се вклучени дизајнери и научници од разни области, кои создаваат некоја иновација и преку соодветен дизајн визуелно ја претставуваат. Карактерот на модата е и хуманитарен, затоа што покрај тоа што таа е средство за индивидуално изразување, модата е творештво, уметност, занает и мост помеѓу човекот и општеството. Модата е една од петте водечки економии на глобално ниво. И има уште многу примери за тоа како модата придонесува.

Која позната личност со задоволство би ја облекла?

Не би можела да именувам една личност, но би сакала тоа парче облека да дише во ист ритам со личноста која што го носи. Тоа ми е важно кога креирам и за моите клиенти кои не се јавни личности. Сакам облеката да го потенцира идентитетот на личноста што ја носи и суптилно да краде погледи.

11846663_842304669188954_3747166656141148688_n

Кои се твоите идни планови?

Јас постојано работам, размислувам и разработувам идеи околу мојот бренд, околу активностите и услугите кои што ги дава Ле Бранд, ширење на мрежата на клиенти и партнери за соработка. И тоа се целите и плановите на кои сум цврсто фокусирана. Во моментов се наоѓам во фаза во која преземам конкретни чекори околу долгорочни планови. И како што кажав погоре патот мора темелно да се изоди.

Подготви: Маја Кузмановска

Фото: Владимир Видановски

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.