Интервју : Krzysztof Chris Nadziejewiec – „ Dior креира облека, аксесоари, парфеми, односно ја креира целата аура на жената. “

0

Ексклузивно Hybread.mk ја имаше честа да разговара со познатиот make up артист на една од најлуксузните модни куќи во светот, Dior. Krzysztof Chris Nadziejewiec овие денови беше во посета на нашиот град и ги претстави новите трендови од светот на шминката. Поразговаравме со него за новитетите на брендот како и неговите почетоци и важноста да се биде дел од овој бренд.

H: Вие сте makeup артист во Dior. Какво е чувството да се работи за толку голем бренд?

К: Во Dior започнав со работа пред 7 години, но во оваа индустрија сум присутен веќе 13 години. Мојата приказна е многу едноставна. Во Dior започнав работејќи како консултант за убавина, напредував и сега се наоѓам на оваа позиција. Голема привилегија е да се работи за овој бренд со богата историја и неверојатна перспектива, благодарен сум и привилигиран што ја имам можноста да работам со толку добри луѓе.

H: Брендот Dior се смета за синоним за луксуз, дали оваа куќа следи некои конкретни правила кои мора да се почитуваат?

К: Секако, ние го претставуваме брендот.

Christian Dior започна со работа на неговиот бренд 12.2.1947, со лансирање на облека истовремено и парфеми, две години подоцна овој бренд почна да создава и шминка. Првиот кармин беше произведен во 1949 година, бидејќи идејата и големиот сон на Christian Dior беше да им помогне на жените не само да изгледаат убаво, туку и да бидат среќни и задоволни со својот комплетен изглед, од глава до пети. Затоа Dior креира облека, аксесоари, парфеми, односно ја креира целата аура на жената.

Нормално имаме кодекс на облекување и правила кои ги следиме, но пред се сме многу флесибилни и модерни, но не и екстравагантни.

Кога станува збор за правила почитуваме едно: – Tоа е да се биде отворен кон луѓето. Значи, да се разговара со нив и да се биде флексибилен, бидејќи самиот моден свет го налага тоа. За разлика од минатиот век, сега постојано се случуваат секакви промени и ние мора да бидеме во тек со се што се случува.

H: Kој е „Must have“ производ од Dior за оваа сезона?

K: Навистина е тешко да одговорам на ова прашање. Dior е голем бренд со широка палета на производи. Нашиот тим постојано работи и внесува новитети, постојано сме во комуникација со клиентите и нивните потреби. Разговараме со нив, ги прашуваме што сакаат и што им е потребно, им ги презентираме нашите производи, ги слушаме нивните коментари, предностите и карактеристиките на производите и се трудиме да направиме квалитетни производи.

Моментално целиот свет е фасциниран од новиот Rouge Dior Liquid, неверојатен производ, комбинација на кармин и Liquid, текстура слична на сјај за усни, но со висока пигментација и одлична текстура. Само со еден чекор добивате целосно прекривање, долготрајна боја, неверојатен изглед и пријатно чувство. Со мат, металик и сатенски ефекти. Не ги суши усните и не создава грутки.

H: Кои трендови ќе ги следиме оваа сезона?

К: За оваа сезона, есен 2017 во тренд се златните тонови во комбинација со кафено и зелено.

H: Како Make up артист, кои се вашите забелешки? Каде жените најчесто грешат при шминкање?

К: Според мене секоја шминка треба да ја истакне убавината, не да ја прекрие. Промените треба да бидат природни и да не се претерува, не за да се креира изглед кој комплетно ја менува жената, туку изглед кој ќе ја истакне убавината.

Ние во Dior сме многу претпазливи кога станува збор за клиентите кои доаѓаат во нашите парфимерии. Ние никогаш не предлагаме шминка кои тие подоцна не можат да ја нанесат сами. Максимално сме посветени, разговараме со клиентите и им предлагаме шминка според нивните секојдневни потреби. Целта е да се истакне нивната убавина, а не да се прикрие.

Со други зборови не креирајте маска – без премногу силни бои, без премногу пудра, фокусирајте се да ја истакнете вашата убавина.

H: Кој изглед го преферирате вие?

К: Мојот омилен изглед е природен сјајен изглед, можеби со некои графички елементи, но јас постојано размислувам на моите клиенти, секогаш гледам што ним им одговара, што им прилега на нивниот стил и сум многу внимателен.

H: Кој е вашиот стил?

К: Тешко е да се каже кој е мојот стил бидејќи како make up артист мора да си постојано креативен и флексибилен, да ги следиш трендовите.

Јас лично го преферирам природниот изглед, умерено прекривање и совршен сјај, креирање природна убавина. Природниот изглед е најубав, но и најтешко се постигнува, бидејќи не станува збор само за шминка, туку и за нега на кожата.

H: Кој производ е неопходен за жените во нивното секојдневие?

K: Крема. Можете да ја прескокнете шминката , но мора да се чувствувате пријатно во вашата кожа.

Секоја жена, секој маж, сака да ја сочува убавината, секој од нас сака да изгледа негувано, да го зачува младешкиот изглед и да се чувствува и пријатно во својата кожа. Така што, најважна е негата на кожата. Тоа е почетокот на се, важно е кожата да биде хидратирана и негувана. Нашата кожа го заслужува тоа, а потоа може да размислувате за се понатаму, потоа, може да користите пудра за да изедначување на тонот и да работите на тоа да креирате совршен изглед.

H: Кој е вашиот совет за убавина?

К: Пред се грижете се за здравјето и изгледот на кожата и заштитете ја, а потоа размислувајте на шминка. Make up правило на артистите е никогаш да не користите премногу шминка.

H: Кое е вашето мислење за жените во Македонија?

К: Мислам дека се малку срамежливи, но имаат добар вкус, потребни им се совети. Секако запознав само малку жени со оглед на мојот краток престој тука, но од она што го забележав е дека македонските жени имаат вкус.

Им предлагам да бидат отворени, да откриваат нови трикови кои ќе им помогнат да изгледаат подобро, да експериментираат. Знаете, жените имаат проблем со нивната комфот зона. Тие најчесто наутро имаат само 15 минути време да се средат за на работа. Ја користат истата шминка постојано бидејќи тоа им е сигурната шминка, го знаат ефектот, знаат како да ја нанесат во брзи чекори, знаат кој тип на производи им се потребни за да го постигнат тој изглед и за нив тоа е лесно. Но, кога се соочуваат со новитети мислат дека ќе им биде потребно многу повеќе време, иако сепак станува збор за рутина.

Шминкањето треба да биде забавно, не се потребни драстични промени и промена на целиот изглед. Некогаш е потребна само мала промена за да се чувстувате поубаво, и пријатно, надвор од вашата комфорт зона. Затоа, слободно експериментирајте!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.