ИНТЕРВЈУ Крис Петровски, Македонецот кој со сигурни чекори се пробива во Холивуд

0

На една од најголемите телевизиски куќи во Америка, CBS, се прикажува мега популарната трилер драма „Madam Secretary“, а во неа настапува и младиот Крис Петровски, момчето со потекло од Битола. 25-годишниот актер, освен талентот, поседува и диплома од актерската школа „Стела Адлер“, но може да се пофали и дека работел со легендарниот Морган Фриман. А ова е само почеток.

Кога сфативте дека актерството ќе Ви биде професија?

„Бев  втора година средно на Нов Зеланд. Работевме продукција на Хамлет и на сите им се допадна. Секако, не разбрав зошто сите мислеа дека сум смешен затоа што знаеме дека ова е сериозна претстава. Ама, ми беше мило што им се допаднав и што можев да ги развеселам луѓето. Тоа беше првиот момент кога си помислив дека ова е тоа што сакам да го работам до крајот на животот. Всушност, во ништо друго на училиште и не бев посебно добар.“

bbo_9091__1480279799_78-157-1-11

Кажете ми нешто за почетоците на кариерата. Се сеќавате ли на првата аудиција?

„Кога завршив средно училиште решив да отидам на аудиција како приемен испит на Универзитетот за глума на Нов Зеланд, иако таму и нема вистинска индустрија за актерите. За среќа, тука беше Милтон Џастис, режисер награден со Оскар пред кого настапив на аудиција и навистина му се допаднав. На крајот влегов во класот од 20 луѓе, иако на приемните аудиции се појавија 300 луѓе. Бев многу возбуден. И пред да започне програмата, еден ден ми се јави Милтон и ми рече „Слушај, мислам дека треба да дојдеш во Лос Анџелес и да студираш на „Стела Адлер“ тука. Тоа е многу подобро училиште и многу познати актери излегле од тука – Роберт де Ниро, Марлон Брандо, Марк Руфало… Ако дојдеш, ќе се обидам да ти обезбедам школарина за 2 години.“ Му реков: „Да, секако дека да“ и заминав. Не ми се допадна градот, ама го обожавав училиштето. Откако дипломирав, најдов менаџер и се појавив на првата аудиција. Беше тоа за некое шоу на Дизни. Бев толку нервозен што устата не престана да ми се тресе. И поминав очајно лошо. Си излегов толку засрамен и лут на себе, што мислев дека никогаш нема да бидам добар. И да, дефинитивно не ја добив улогата.“

bbo_9195__1480279831_78-157-1-11

Сте глумеле во десетина филмови… кое искуство би го опишале како најтешко, а кое како најубаво?

„Најтешкото е ТВ серијата „Madam Secretary“ бидејќи треба да зборувам со руски акцент. На почетокот мислев дека нема да ја добијам улогата. Кога од Лос Анџелес пристигнав на аудицијата во Њујорк, ме прашаа зборувам ли руски и ги излажав дека знам. Не сакав да ја пропуштам улогата. Па секој ден самиот учев по малку руски, разговарав на Скајп со еден мој пријател од Русија и се обидував да ги убедам продуцентите дека зборувам руски. За среќа, во серијата имаат и професор за дијалекти, па од голема помош ми беше и тој и фактот што зборувам македонски, иако ни тоа не е совршено. Затоа, ми беше поедноставно да се снајдам, ама, па, и немам толку многу дијалог за да се плашам како сето тоа ќе звучи.
А најубавото искуство е врзано со филмот наречен „H8RZ“ кој имаше буџет од 7 милиони долари, па со приватен авион ме одведоа во Јута, каде што бев сместен во неверојатен хотел, уживав во одличната храна и работев со исклучителни луѓе.“

unnamed__1480279890_78-157-1-11
Со Мерион Котилар

Може ли да кажеме дека ликот на Дмитри Петров во „Madam Secretary“ е Вашата прва вистинска шанса?

„Не сум сигурен. Глумев во најголемиот дел од втората сезона и во дел од третата. Многу е тешко да те откријат во Америка во светот на актерството. Ќе ми требаат барем уште неколку поголеми улоги како оваа за да станам „име“. Можеби дури ни тогаш. Или, ако, на пример, добијам улога во следниот голем филм на Бред Пит, ха, ха, ха. Најверојатно тоа би бил вистински пробив за мене.“

Како ја добивте улогата на Дмитри? Имаше ли многу луѓе на аудицијата за неа?

„Знам дека викаа актери на аудиција и во Њујорк и во Лос Анџелес. Не сум сигурен колку точно. Претпоставувам биле стотици. Серијата се снима во Њујорк, а јас бев во Лос Анџелес, па не можев да одам да ме види директорот за кастинг. Само испратив мое видео, мислејќи дека нема да успеам. Но, една недела подоцна ми се јави мојот агент, ми рече дека сакаат да ме видат и дека во следните три дена морам да стигнам во Њујорк. Бев шокиран! Не можев да поверувам“.

15207977_623012464548721_487678300_n-png
Сцена од серијата Madam Secretary, со Тим Дејли

Во серијата глумите најмногу во друштво на познатиот актер Тим Дејли. И гледајќи ве на екранот, делува како да постои силна поврзаност меѓу двајцата вас. Дали таа „татковска фигура“ што толку добро ја глуми во серијата се пренесува и во вистинскиот живот?

„Тим Дејли на многу начини ми беше како татко. Тој е актер со огромно искуство. Јас постојано се обидував да извлечам колку што е можно повеќе искуство од него. Имам чувство дека понекогаш можеби и му здодевав затоа што ме интересираше сè, ама тој беше многу љубезен и пред камерите и зад нив. Мислам дека пријателството што го создадовме приватно дефинитивно помогна додека снимавме. Во секој случај, беше тоа тимски напор.“

Се вративте и во третата сезона… Ќе го гледаме ли уште Дмитри до крајот на сезонава?

„Да, почнав во втората сезона и ме вратија и во третата. Се надевам дека одговорот е да. Иако, да бидам искрен, не го знам ни јас. Сценаристите контролираат сè во серијата. Актерите дознаваат што се случува со нивниот лик дури откако ќе се напише сценариото. Останува времето да покаже. Но, неодамна добив многу убаво писмо од креаторот на серијата, Барбара Хол. Напишала: „Со нетрпение очекуваме да видиме што ќе се случува со Дмитри оваа сезона, мило ми е што се врати.“ Ова значи дека сè уште не ме отпишале.“

11704881_434646183385351_3455821815980449606_n__1480279672_78-157-1-11
Крис со Морган Фриман

Морган Фриман, кој е и продуцент на серијата, режираше една од епизодите во кои глумевте Вие. Што научивте од големиот актер?

„Морган Фриман е човек кој не зборува многу. Мислам дека затоа што знае како е да се биде актер, му верува на актерот кој е избран за секоја улога. Тој не ги насочува толку актерите колку движењето на камерите и се обидува да ја фати суштината на сè што се случува во сцената. Многу е специфичен. Им дозволува на актерите сами да се пронајдат во сцената и само ако смета дека заталкале, истапува и им дава насоки. Најважната работа што ја научив од него е дека кога знаеш дека нешто е сработено добро, оди понатаму. Верувај дека знаеш што правиш бидејќи тој што е зад тебе е подготвен да продолжи со работа и никој нема време да те чека навистина „да го пронајдеш својот лик“ или да се снајдеш во сцената. Дојди подготвен, заврши си ја работата. Луѓето секогаш ќе сакаат да работат со професионалци, никогаш со некој што професионално им го троши времето.“

А што „украдовте“ од другите големи имиња со коишто сте работеле?

„Најголемата лекција што ја научив од големите имиња во индустријата се всушност две работи. Секогаш помни имиња. И секогаш биди фин. Немој да им се „вовлекуваш“ на луѓето, само биди фин. Луѓето ги памтат љубезноста и манирите. Том Круз ги знае имињата на сите на сетот, од режисерот, преку шминкерите и фризерите, преку луѓето што ја градат сцената, до момчето што служи кафе, на сите. И секогаш ги поздравува по име. Луѓето го помнат тоа. И те почитуваат.“

bbo_8894__1480279753_78-157-1-11

Го напишавте сценариото и ќе го продуцирате филмот „Turned out“ кој треба да се реализира во 2018 година. Кажете ми повеќе детали за него…

„Уште од почетокот на 2016 година размислував да напишам сценарио за овој филм. Никогаш не сум се гледал себеси како писател/сценарист, ама како што минуваше времето, така станував позаинтересиран за приказната и почнаа да ми се појавуваат нови и нови идеи во главата. Си помислив дека треба да најдам некој што ќе ја напише приказната. Кога е успеав да најдам никого, или да бидем искрен, бидејќи не можев финансиски да си дозволам да ангажирам некого, си реков, „по ѓаволите, ќе се обидам да ја напишам самиот“. Ова е приказна за момче во своите 20ти години, роден во мало гратче во Калифорнија, чијашто помала сестра исчезнува еден ден. Тој дознава дека е продадена како бело робја во многу опасен дел од Лос Анџелес. Не знае многу за големиот град и дава сè од себе за да ја најде. Филмот е психолошки трилер. И понатаму е во рана фаза на развој, се обидувам да ги најдам вистинските луѓе за да го добие финалниот облик. Мислам дека ова е многу важна социјална тема, нешто за што луѓето не знаат многу, затоа како се „оперира“ и како сето тоа ни се одвива пред очи.“

unnamedq__1480279932_78-157-1-11
Со актерката Џесика Честеин

Кои Ви се целите во кариерата? Ги поставивте ли?

„За среќа, сега сум со „The Gersh Agency“, која е една од најдобрите 5 агенции во светот. И многу често имам аудиции. Ова ми дава можност да портретирам различни ликови кои имаат нешто слично со мене, ама и ликови кои се дијаметрално спротивни од мене. Актерството е навистина забавно и се радувам што со секој изминат ден станувам сè подобар и се надевам дека ќе можам да глумам сè. Сакам да снимам комедии и драми. Ама, на крајот на денот, сакам да ме запомнат како некој кој има способност да се трансформира од улога во улога, а луѓето да веруваат дека сум некој што не сум. Тоа е една од најголемите радости во оваа работа.“

image3__1480280866_78-157-1-11
Крис и Жељко Иванек, кај нас познат по улогата во серијата House of Cards

Роден сте во Македонија и живеевте тука првите неколку години од својот живот. Имате ли некои сеќавања од детството и времето поминато во Битола?

„Навика ми е да доаѓам во Македонија на неколку години, кога имам време и кога не сум премногу зафатен. Она што се сеќавам најмногу во однос на детството е готвењето на баба ми. О, човеку! Ајвар со сирење или бурек со спанаќ или месо и чаша јогурт. Нема подобро. Најдов неколку местенца во Америка кои продаваат ваква храна, ама таа никогаш го нема истиот вкус како храната на баба ми.“

Кога бевте последен пат тука?

„Во Македонија живеев до својата 5та година, кога се преселивме на Нов Зеланд. Се вратив на неколку месеци кога имав 9. Следниот пат дојдов на 15-годишна возраст и уште неколку пати потоа, последен пат пред 2 години.“

bbo_8633__1480279702_78-157-1-11

Дали роднините Ве тераат да зборувате македонски кога ќе дојдете тука?

„Македонскиот е мој мајчин јазик. Со родителите дома секогаш сме зборувале македонски, тоа го правиме и сега. Сакам да ја продолжам навиката да доаѓам на неколку години за да останам во контакт со луѓето, со културата и да си го подобрам изговорот. Зборувам течно македонски, ама понекогаш знам да „заглавам“ на некој збор.“

Има ли нешто што не Ви се допаѓа во родната земја?

„Единствено не ми се допаѓа фактот дека не постои начин да ја донесам неверојатно добрата храна во Америка.“

14361241_585921094924525_7306208008424994014_o
На денот на венчавката, со сопругата Александра Лемус

Се оженивте пред неколку месеци. Каков е животот во брак?

„Бракот е неверојатен. Дефинитивно те тера да се покажеш на поинаков начин. Како маж. Да се предадеш на една личност до крајот на животот. Почнав да учам работи за себе, добри и лоши. Најмногу од сè знам дека сум благословен што ја најдов жената што ме сака безусловно и заради која сум подобар човек секој нов ден. Со нетрпение чекам да ѝ ја покажам Македонија и понатаму во животот да ги научам и нашите деца да зборуваат македонски. Не смеам да го изгубам тој дел од моето семејно наследство.“

Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: Приватна архива

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.