ИНТЕРВЈУ Кирил Митоски “На прво место ми е македонската народна музика”

0

Кирил Митоски е млад и образован музичар, кој својата кариера посветено ја гради во народната музика. Вели дека таму се чувствува најубаво, зборува за почетоците пред 9 години, за ангажманите во ансамблот “Танец”, но и за солистичката кариера која му е во подем. Повеќе за него, од интервјуто за Hybread.mk…

Кирил, музичката кариера ја започна на натпревар за таленти во Македонија каде се пееја забавни песни, а сега успешно со години градиш кариера како пејач на народна музика. Зошто се предомисли? 

Вистина е дека како почеток на мојата кариера може да се смета појавувањето на шоуто “Мак ѕвезди“ пред околу 8-9 години, на кое што покрај забавните мелодии многу често можеше да се чуе и некоја фолк изведба. Во тој период настапив на неколку фестивали за забавна музика по што некако природно патот ме донесе овде каде што сум денес. Иако и поп музиката не ми е далечна, сепак на прво место до денес ми е македонската народна музика.

13101365_10206257460297377_189491384_n

Фестивалите се одличен начин за претставување на еден пејач пред публиката, а се совршено место за промоција на нова песна. Твоето искуство го потврдува тоа. Колку фестивали се зад тебе?

Како дел од претходната група од која бев дел, учествував на неколку фестивали, но слободно можам да кажам дека најмногу ме радува учеството на според мене најреномираните фестивали за Македонска Народна музика во моментов “Цветници” и “Валандово”.

Како солист за прв пат се појавив на Цветници 2014 со песната “Оди си остави ме” каде што добив втора награда и од тогаш наваму редовно земам учество бидејќи покрај одличната можност за појавување и промоција на нова песна, за секој изведувач уште поголем е предизвикот за изведба во живо со големиот оркестар на МРТ.

Пред неколку дена заврши и овогодишниот “Цветници 2016”, настапив со песната “Ноќва сакам да те гушнам”. Според мене убава фолк балада се надевам дека ќе и се допадне на публиката.

Неодамна излезе и твојот прв видео спот за песната…….Како си задоволен од одзивот?

Така е,  пред два месеци се сними мојот прв професионален видео запис за песната “Само љубов да не води” на кој сум посебно горд не само поради тоа што ми е прв самостоен спот, туку и поради тоа што самата песна ми е посебно драга. Иако песната не беше наградена на фестивалот сепак беше многу добро прифатена. Што се однесува за самото видео, заедно со Арт Продукција навистина се потрудивме да направиме убава пристојна љубовна приказна а со тоа и да ја доближиме песната до публиката. Секогаш може подобро, но со оглед на тоа колку се пласира македонска народна музика на медиумите, јас досега сум задоволен.

13090412_10206257458377329_1882738644_n

Покрај кариерата која ја градиш на македонската сцена, работиш во Ансамблот “Танец”, ти си дел од машкиот хор. Што е актуелно таму во моментов?

Во моментов Ансамблот “Танец“ се потготвува за претстојниот Велигденски концерт кој традиционално се одржува секоја година. Јас заедно со пеачката група на Ансамблот ќе бидам дел од него, па еве и јавна покана до сите љубители да повелат на 01.05 (недела) од 20:30 часот во Македонскиот Народен Театар.

По Велигденските празници следува гостување со Ансамблот во неколку градови низ Македонија, а почетокот на летото ни претстои голема балканска турнеја.

13106702_10206257701463406_765027028_o

Колку тешко да се менаџираат обврските во “Танец” и кариерата која ја градиш како солист?

За сега не ми претставува посебен проблем бидејќи двете работи ги работам со љубов и многу посветеност. Најчесто концертите со Ансамблот “Танец” однапред се знаат па полесно можам да ги организирам другите обврски и настапи.

13089943_10206257690743138_406749985_n

Имаш шанса како дел од твојата работа и често да патуваш. Кое место досега те воодушевило најмногу?

Навистина годиниве наназад многу патував како на самостојни гостувања, така и со Ансамблот. Австралија, Израел, Катар, Естонија, Австрија, Латвија итн. Постојано велам дека не би можел да живеам на друго место, но морам да признаам дека сум воодушевен од Скандинавските земји и некои делови од Австралија.

Каков човек си приватно, како сакаш да го поминуваш слободното време?

Навистина не е клише ако кажам дека имам многу малку слободно време посебно во овој период од годината. Секое слободно време го користам за прошетка или средба со пријателите но најчесто во домашнна атмосфера со добар филм.

кире 1

Подготови: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот