ИНТЕРВЈУ Филип Поповски, Генерален секретар на ФФМ – Средбите со Фергусон, Зидан, Мурињо ми станаа секојдневие

0

Цели четиринаесет години секој негов ден е исполнет со многу фудбал. Од волонтер во ФФМ, Филип Поповски денес е на позицијата Генерален секретар на Федерацијата. Неговата работа е исполнета со многу патувања, присуство на бројни големи натпревари (меѓу кои и финалето на Европското првенство во Франција каде што се запозна со Дејвид Гета) и чести средби со најголемите фудбалски легенди од 20 и 21 век, меѓу кои и Колина, Шукер, Савичевиќ… Детскиот сон му стана реалност. Таа реалност ќе биде уште посјајна кога на Националната арена Филип Втори, ФФМ на 8 август 2017 година ќе биде домаќин  на најголемото клупско натпреварување во Европа – Супер купот!

148__1478510081_77-29-143-88

Кога Ве избраа за Генерален секретар на ФФМ, имаше многу прашања за тоа кој е анонимниот човек што одеднаш се најде на една од највисоките позиции на Федерацијата. Кој е патот што го изодевте за да стигнете до тука?

„Моите почетоци во ФФМ се од 2002 година, кога почнав како технички секретар во одделението за клупско лиценцирање, односно лиценцирање на клубовите доколку сакаат да се натпреваруваат во УЕФА. Во 2008 година станав лиценцен менаџер, односно раководител на тоа одделение, а во меѓувреме извршував многу работи во Федераијата и помагав во организирање натпревари, организирање турнири и тоа  каде сите си помагаме меѓусебно. Никој од нас немаше само една функција.“

Во еден период работевте и на стандардизација, односно на лиценцирање на стадионите. Каква е состојбата со инфраструктурата во Македонија?

„Инфраструктурата е една од болните точки кај нас. Ние напорно работиме за нејзино подобрување и преку неколку проекти на ФИФА и на УЕФА, работиме на тоа да подобриме четири стадиони и тоа се стадионите во Тетово, Штип, Битола и Прилеп, ама и Националната арена Филип Втори, но и нашиот стадион што се наоѓа веднаш до зградата на Федерацијата, „Петар Милошевски“. Со тоа за една до две години би имале шест стадиони што ќе ги исполнуваат стандардите на УЕФА, на кои што А репрезентацијата и помладите репрезентации би можеле да ги играат своите натпревари без проблеми.“

001__1478510047_77-29-143-88А каква е состојбата со клупскиот фудбал?

„Новиот систем што е предложен дава можност и помалите Федерации, односно помалите клубови да стигнат подалеку во Евро куповите. Не би рекол дека не сме до толку неуспешни, иако три пати по ред бевме пред вратите на групните натпреварувања, два пати со Работнички и еднаш со Шкендија. Со напорна работа некои клубови застануваат цврсто на нозе, имаат силни спонзори, па треба уште малку за да се дојде до посакуваното играње во групната фаза.“

Младите до 21 година го постигнаа тоа што А репрезентацијата се обидува да го направи последниве 25 години. Дали оваа млада репрезентација е иднината на мак фудбалот?

„Оваа млада репрезентација е плод на трудот вложен во изминатите години. Многумина од нив играа заедно и во помладите категории, до 17 и до 19 години. Труд е на многу и индивидуална и групна работа, на многу одиграни пријателски натпревари, а тоа придонесе за нивно заедничко зближување како тим и се покажа дека како таков тимо можат да настапат успешно во квалификацискиот циклус. Ама, не се само тие иднината на македонскиот фудбал. Ние имаме уште други, успешни деца кои се сега во помладите репрезентации и кои очекуваме за кусо време да блеснат. А репрезентацијата е таква каква што е, не можам да кажам дека е лоша и покрај лошите резултати, посебно откога покажавме дека можеме да се носиме добро против Италија, Израел… Ама, потребна е и малку среќа.“

cc8a6599__1478510114_77-29-143-88Какво е чувството да се биде еден од првите луѓе на Федерацијата во еден ваков момент, кога некоја наша фудбалска репрезентација прв пат ќе се појави на едно Европско првенство?

„Јас како Генерален секретар сум задолжен за оперативниот дел, односно за сето она што се случува во позадина и најмалку се гледа. Ама, сето ова е огромен успех за сите што се дел од ФФМ и коишто работат напорно за секој натпревар да помине како што треба. Многу значаен успех и за мене и за целиот мој тим е, бидејќи ние сме првите што во историјата на македонскиот фудбал успеавме да се пласираме на едно Европско првенство.“

Што е потребно за да се привлече уште повеќе публика на стадионите?

„Пред сè добрата игра, не само победите, а тоа го покажа неодамна А репрезентацијата. Важно е да постојат соодветни безбедни услови на стадионите за да може да дојдат луѓето со целото семејство, не само како индивидуи. Верувам дека полека се враќа духот, а верувам дека ние ќе направиме сè што е потребно за да можеме да ја вратиме публиката на стадионите.“

10353523_1003818252995985_8955820618843149495_o

Се подготвувате за Супер Купот 2017. Како течат подготовките и кои се очекувањата што ги имате?

„Супер Купот е еден од најголемите настани што се случил во Македонија во изминатите 25 години од осамостојувањето. Имавме чест да ни ја доделат нам довербата да го организираме, заради добрата работа што ја покажуваме во изминативе години. Натпреварот ќе се одржи следната година на 8 август. Подготовката оди според зацртаните планови од наша страна, од страна на Градот Скопје, од страна на Арената како три различни субјекти. Имаме добра координација и соработка и се надевам дека тоа ќе биде огромен настан. Очекувањата се, секако големи, иако е уште рано за да ги знаеме противниците. Нив ќе ги знаеме на крајот на мај по завршувањето на финалињата на Лигата на шампиони и Лига Европа.“

Лично, кого би сакале да видите во Скопје?

„Искрено, јас навивам за Манчестер Јунајтед, но тешко дека според последните резултати на клубот ќе може тоа да се оствари. Не би издвоил некоја екипа посебно, но би сакал тоа да се клубови што носат публика со себе. Шпанските екипи не носат публика, тоа се виде на минатите два Супер Купа што се одиграа во Трондхајм, Норвешка и во Тбилиси,Грузија. Но, многу навивачи може да донесе германска екипа, некоја англиска екипа или некој тим од Југоисточна Европа. Ама, би сакал тоа да не е натпревар што ќе заврши за само 90 минути, туку да се вистински празник и да трае неколку дена, а истите тие луѓе да се задржат во Скопје и да посетат и други делови од Македонија.“

img_20160710_215211__1478510025_77-29-143-88Во тек се квалификациите за Светското првенство. Какви се тие очекувања?

„Очекувањата не беа многу високи откако ги видовме противниците, но си поставивме цел да освоиме што подобро место во самата група. Не можеме да кажеме дека ќе се квалификуваме затоа што само првиот оди понатаму, а во група во која ги имате Италија и Шпанија, па дури и Израел и Албанија кои покажуваат одлични игри, битката за секој бод е голема. Цел ни е и подобрување на ранг листата на ФИФА.“

Често патувате и одите на фудбалски натпревари во целиот свет. Кој натпревар би го издвоиле како буквално најдобриот меч на којшто се присуствувале?

„Тука би го издвоил Супер Купот во Грузија, каде што играа Барселона и Севиља. Навидум беше пријателски натпревар, а на крајот заврши 5 : 4 за Барселона и беше само една минута до изведување на пенали. Беше толку драматичен трилер натпревар што до последната минута беше возбудлив и убав за око.“

img_20160710_214925__1478510098_77-29-143-88Дали во текот на сите овие години работа во Федерацијата успеавте да се сретнете со некои од своите фудбалски идоли и омилени фудбалски ликови?

„Нашата професија не е врзана само со средби со овие луѓе, туку и соработка со истите. Многу пати се среќавам со фудбалски легенди и икони за кои пред работата во Федерацијата само сум сонувал да ги видам во живо. Сега тоа ми е толку нормално што не ги доживувам како такви. Можам да ги издвојам моето прво запознавање со Зинедин Зидан, со мојот вечно најдобар тренер Сер Алекс Фергусон, со Жозе Мурињо и многу други.“

Заради позицијата на која сте во моментов, колку често ви бараат гратиси за фудбалски натпревари? Има ли веќе барања за билети за Супер Купот?

„Да, тоа е некако неминовно во оваа работа. Многумина мислат дека јас секојдневно во џебот имам билети, но не е така. Се трудиме да воспоставиме систем каде што секој би сакал да си купи влезница за да го гледа својот македонски тим или репрезентацијата и на тој начин да ја вреднува работата што ја правиме сите изминативе години, и фудбалерите и ние како Федерација.“

Подготви: Андријана Јовановска
Фотографии: Приватна архива

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.