ИНТЕРВЈУ:Дарко Ѓурчиновски – Арлекин, професионален жонглер

0

Дарко е момче од Скопје кое на прв поглед е срамежливо момче и никогаш не би претпоставиле со што се занимава. Тој е професионален жонглер чие уметничко име е Арлекин. Со него разговарaвме за почетоците, за искуството досега, за плановите во иднина…

Дарко, како се заљубуваш во ваков вид професија?

Па би рекол дека жонглирањето е еден вид на болест за која нема лек и си ја носиш цел свој живот. Уште како мал,секогаш кога гледав некој циркуз на телевизија посакував да можам да го правам тоа што тие го прават. Сакав да бидам како нив. И така почнав да навлегувам во светот на жонглирањето, да барам, да истражувам. Целиот процес траеше извесен период зад затворени врати се до мојот прв настап кога се создаде љубовта и конекцијата која трае до денес. Во тој момент се почувствував свој.

DSCN4140Раскажи ми повеќе за почетоците, со какви реквизити почна или подобро е да те прашам со колку на број?

Се почна во 1999 година. Во тоа време интернетот не беше како денес и немав можност да научам како денешните деца. Немав од каде да гледам и да учам туку сам почнав да ги изработувам реквизитите, кои кога ќе ги видам денес изгледаат многу смешно и аматерски ,но кога немаш избор мора да експериментираш. Правев реквизити од разни цевки ,дрва, шипки и се што ке ми паднеше на памет дека може да се искористи. Првите вистински реквизити ги добив во 2003 и ми ги донесе еден мој пријател од Будимпешта и радоста беше неопислива.

normal_DSC05959

Тоа беа 3 жонглерски кегли и 3 жонглерски мачети. Жонглирам со повеке реквизити, топки(3,4,5)кегли, мачети, прстени, балансирање на разни предмети (чаши за вино) кои се ставаат на топка и се балансираат. Тоа е стара циркуска точка и овој период тоа ми е нешто ново кое го изучувам. Жонглирам и со оган, тоа е точка на која ми е специјалност.

9dcb8b_13ba2fdcf819401f9afb2de7e0824b89Се сеќаваш на првиот јавен настап, после колку време вежбање се случи, кои беа коментарите?

Првиот јавен настап беше 2002 на плоштадот во Охрид, после 2-3 години вежбање, собрав храброст и излегов надвор. Иако сега кога е се сетам изгледаше смешно и аматерски, сепак имаше многу публика и добив позитивни коментари кои ми дадоа дополнителна мотивација за понатаму, што е многу важно за ваков вид професија.

Дали ти беше едноставно да им соопштиш на родителите за идната професија, имаше ли поддршка?

Кај нас таков е менталитетот, секој сака своето дете да работи некоја ,,нормална” работа како доктор, адвокат или која било општоприфатена професија и ги насочуваат кон нешто кое ќе го работат без љубов, сметајќи дека тоа ќе им донесе солиден и удобен живот. Тоа што не го знаат е дека и оваа професија е исплатлива и се живее од неа. Но, ете кај нас луѓето се поконзервативни и не сака секој родител детето да му биде жонглер-акробат.

12583626_1119005494798839_1821955160_n

Ми спомена дека често професионално патуваш. Каде ти се допаѓа да работиш повеќе, во Македонија или во странство?

Дефинитивно во странство, бидејки повеќе се цени и е многу поисплатливо. Луѓето се поразлични, поинаку реагираат и поразлична е енергијата од публиката. Сум настапувал во Црна Гора, Бугарија, Грција, Хрватска… А што се однесува до Македонија, сум имал повеќе настапи. Како поважни би ги издвоил следниве: учеството во првиот македонски мјузикл ,,Чија си” , на Мајските Оперски Вечери со операта ,,Лидија од Македонија”, македонска детска евровизија, Супер Ѕвезда, Сител Бамбини, разни манифестации и детски родендени и неколку видео спотови. Долга е листата на настапи.

Што би научил повеќе од ова што досега го знаеш?

Па има толку многу работи да се научат, што малку би бил и цел живот. Таква е професијата, впрочем како и секоја друга работа бара постојано надградување. Постојат стотици точки, а бар една да се совлада и научи перфектно, треба долг период напорно и секојдневно вежбање. Би сакал да научам жонглирање со 7 и повеќе топки и се надевам дека ќе успеам во тоа.

cap

Која е твојата  крајна цел, каде сакаш еден ден да работиш?

Па мислам дека сонот на секој циркуски артист (жонглер, акробат, актер) е да настапува во најелитниот циркус,,Cirque Du Soleil” и тоа се смета за врвот, бидејки не секој може да биде дел од таа екипа на професионалци. Имаат навистина високи критериуми. Но искрено, најпријатно се чуствувам кога правам улично шоу, бидејки се чуствувам најопуштено, има контакт со публиката, постојано има доброволци, простор за импровизација, многубројна публика која одлично реагира.

Веб страна: http://darkogjurcinovski.wix.com/arlekin

Подготови: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.