ИНТЕРВЈУ Даниел Данн и Марга Сол “Љубовта кон музиката секогаш раѓа светлина”  

0

Кога ќе ги слушнете првите неколку секунди од песната Sunshine, добивате впечаток дека сте во некој летен клуб на Ибица или на Миконос, и се прашувате кој стои потпишан на песната со светски звук и продукција. Потоа ги здогледувате имињата на Марга Сол и Даниел Данн и ви станува јасно дека токму оваа песна и музичка соработка е вистинска дефиниција за она „наше, ама светско“.

Навистина ли беше потребна фејсбук провокација за да се случи соработка помеѓу тебе и некој македонски изведувач?

Марга: Па не можам да кажам дека беше или е пресуден фактор, но со оглед на нашата работа која е врзана за студио, стол, компјутер и социјални мрежи, а попатно секој со свои обврски и животни патеки, ете, во случајов Фејсбук е една социјална мрежа која ја овозможува таа комуникација и конекција. Мојата соработка со Даниел не се случи преку фејсбук, таа растела некаде таму во позадина и чекала повод. Јас го дадов поводот, тој се пријави! Старите Кинези често велат дека „Учителот се појавува кога ученикот е подготвен“… или „Настаните се случуваат кога сме подготвени ги доживееме“! Соработките вака некако се случуваат… иста цел, оп на исто место, оп во исто време.

unnamed-3

Велиш, „Соработката со Марга е тоа што навистина ми требаше, музика во која се пронаоѓам“… Дали можеби ќе ве видиме заедно и на Ибица, во живо, еве, уште следната година?

Данн: Публиката којашто имала можност да присуствува на моите настапи знае колку многу сакам денс, хаус, па и лаунџ теми и дека апсолутно се пронаоѓам во нив. Во голем дел од моите досегашни авторски песни некако се држев до „трендовската“ нишка во Македонија и го задржував оној класичен стил на поп песна, бидејќи првично и беа наменети за тука, но по 10 години искуство можам да си дозволам да пренесам емоција на начин кој јас ќе го одберам, без притоа да калкулирам за колкав број слушатели ќе ја наменам. Соработката со Марга е навистина тоа што ми требаше, бидејќи пред сѐ таа е одличен автор и продуцент, инспиративна од многу аспекти, станавме супер пријатели кои енергетски се надополнуваат и најважното – се наоѓаме на иста фрекфенција во однос на музиката што сакаме да ја работиме. За Ибица има време до следната година, но за почеток можеме да најавиме заеднички настапи низ Македонија.

unnamed

Какви се првите реакции за Sunshine? Песната и ремиксите се пуштаат и на европските радио станици, а веќе се продаваат и на iTunes… Колку си ти, лично, задоволна од тоа што се случува, а е поврзано со промоцијата на песната надвор од земјава?

Марга: Ова е само почеток. Започната е промоцијата, се потпишуваат сѐ повеќе договори со повеќе издавачи кои ќе ја вклучуваат песната во компилации заради поголема промоција и уште еден начин да допре до многу слушатели… Го снимаме и видеото и сѐ се движи во позитивна линија… До Нова година ќе излезат уште три нови верзии на песната, се работат ремиксите од многу квалитетни продуценти и диџеи. Имам многу убаво чувство за песната, за успехот кој ќе го постигне и како сега се прифаќа, на почеток. Видеото и верзиите ќе ја заокружат цела приказна.

Деновиве го снимивте спотот за песната. Ќе ни откриеш ли детали за снимањето и екипата што работеше на него? По што ќе ти остане на тебе во сеќавање ова снимање?

Данн: Забава, забава, забава! Ха, ха, ха… Првата сцена од видеото ја завршивме изминатиов викенд и сѐ беше буквално една голема забава. Убав сончев ден покрај Преспанското езеро, многу млади луѓе, Марга пушташе музика, јас пеев, коктели на сите страни… и камери на сите страни. Деновиве ги привршуваме и останатите сцени кои ќе ги сработиме на релација Скопје-Велес заедно со режисерот Бошко Столиќ од Exit B продукција. Станува збор за љубовна приказна, а главното мото ни е дека музиката е таа која ги спојува луѓето и ги прави среќни. Бескрајно сме им благодарни на сите кои нѐ поддржаа и на сите кои учествуваа во снимањето. Мислам дека сите заеднички со нетрпение го чекаме крајниот резултат.

unnamed-6

Успешен диџеј, продуцент, композитор, а пред се мајка… Како ги спојуваш сите обврски? Колку е важно да си исполнет емотивно за да се случи песна што ќе звучи толку добро како Sunshine?

Марга: Признавам, навистина не е лесно… Но не можам да бегам од себе. Тоа е мојата мисија. Бескрајната љубов, прекрасната релација и близината што ја имам со мојата ќерќичка е мојата мисија како горда мајка која има среќно дете, а пренесувањето на емоциите, пораките и моето ЈАС, преку моите креации низ МУЗИКА, или преку моите диџејски сетови, е нешто преку што го реализирам моето постоење и се чувствувам жива. Јас сум најмногу ЈАС кога создавам музика или креирам фузија од звуци преку моите диџејски настапи пред публиката која во еден момент се претвара во само една личност со која си водам звучна конверзација.

unnamed-7

Сите животни настани, луѓе, доживеани емоции, околината, минатото, иднината, времето и невремето навидум влијаат врз создавањето музика, но во исто време и воопшто не влијаат. Без разлика на надворешните фактори, музиката живее во мене и секаде околу мене. Едноставно „ја вадам“ од себе и ја пуштам во етер. Најважно е да се познаваме себеси, да знаеме каде сакаме да стигнеме и со која цел, за да се реализираме и да ја исполниме нашата мисија на постоење. Ако дозволам создавањето музика да зависи од емотивниот партнер, од настаните или од околината, тогаш не е директна и е заробена во некоја конректна енергија, не е чиста. Моето ЈАС нема врска со ниеден надворешен фактор, сето тоа е променливо, само ЈАС останувам ЈАС, а музиката од мене или преку мене извира. Тоа е единствената вистина.

unnamed-5

Имаш јасен и силен став во однос на македонската музичка сцена, првенствено како човек кој создава своја музика… Мислиш ли дека сето ова што се случува во моментов ќе ги подобри работите за вас, авторите на македонската музика, ама и дека ќе доведе до живнување на сцената што ни хибернира?

Данн: Ова е тема за многу пообемна дискусија и покрај целово политичко лудило луѓето би требало да се освестат дека патриотизмот најдобро се покажува преку поддршка на културата во една земја и почитувањето на креативните умови. Мислам дека голем дел од „обичниот“ народ не разбира за што всушност станува збор и зошто македонските автори ги забрануваат своите дела. Ова е гласот на авторите кои се борат за подобра иднина и апсолутно сметам дека публиката треба да застане на наша страна и сите заеднички да ѝ го отвориме патот на музиката. Како некој кој е автор и изведувач ова е особено значајно за мене, бидејќи би сакал да можам да го живеам својот сон 24/7 и да можам 100% да се посветам само на создавање музика. Моменталнава ситуација не е поволна за никој од нас, сите сме во потрага по СВЕТЛИНА и сакам да размислувам позитивно дека тоа ќе се случи наскоро.

unnamed-1

Фотографии: Бане Митровиќ

Подготвил: Андријана Јовановска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот