ИНТЕРВЈУ Андријана Јовановска: “Ако најдеш работа што ја обожаваш, нема да работиш ни еден ден во животот”

0

Списанието „Комплетна“ слави 20 години постоење, јубилеј кој ќе биде соодветно означен утре вечер. За таа цел разговаравме со уредникот на списанието Андријана Јовановска која ни раскажа повеќе за почетоците, за тимската работа, за тоа како се градело името на ова списание за жени кое со текот на времето прерасна во своевиден бренд.

„Комплетна“ наскоро ќе прослави 20години постоење. Имаш чувство дека навистина поминале толку?

Да бидам искрена, не. Во нашава професија, времето е релативна работа… Во мај размислуваш за содржините во јулскиот број и веќе живееш два месеца понапред од останатите. Ама, подготвувајќи се за јубилејот, ги разлиставме архивите на списанието и мислам дека токму тогаш и визуелно и тематски ги согледавме дваесетте години коишто како да летнаа од создавањето на првиот број па до денес. Гледајќи ги изминатите 220 насловни страници, разгледувајќи ја модата некогаш и сега, споредувајќи ги лицата на соговорниците во првите интервјуа и истите во разговорите водени десетина години подоцна, па дури и кога како тим дененовиве се навративме на почетоците и на сите луѓе кои некогаш биле дел од приказната наречена „Комплетна“, сфативме дека ние и сега со истата страст работиме на секој нов број. За некого дваесет години се еден цел животен век, за нас, само почеток на една убава приказна. По некои стандарди, ние сè уште не сме ни полнолетни.

437082ee-b969-42dc-b2f1-af18dcdfba84

Да се вратиме на почетокот. Со каква идеја и цел беше формирана „Комплетна“?

Нема да бидам скромна и ќе кажам дека директорката на Нампрес, госпоѓата Маргарита Неновска, е жена – визионер. Откако една година претходно пред читателската публика го презентираше првото македонско тинејџерско списание „ТАА“, нè изненади со идејата за проширување на семејството со едно поинакво, забавно, едукативно, уникатно македонско списание коешто ќе биде инспирација за секоја млада жена во Македонија. Токму затоа списанието и денес се води од мотото што ни беше зацртано како цел и пред излегувањето на првиот број во далечната 1996 година, а тоа е „Моја КОМПЛЕТНА инспирација“.

Дали успеа да ја исполни?

Фактот што сме две децении дел од медиумскиот свет; што сме предводници на модерните и урбани списанија; што сме први и сè уште тука; фактот што третираме теми коишто се во тек со времето, а притоа во ниеден момент не се претворивме во „жолт весник“; фактот што имаме голема читателска публика која нè следи од месец во месец… сето ова е доказ дека кога се работи со елан, со одлична екипа и во позитивна атмосфера, ниту една цел не е недостижна, ниту претешка. Сметам дека првичната цел е исполнета, ама и многу други цели поставени по неа.

13295124_10154548868023488_1277749478_n

Кои се првите работи на кои се сеќаваш, како изгледаше почетокот?

Бидејќи веќе беа поставени основите со списанието „ТАА“, почетоците на „Комплетна“ не беа ни малку тешки. Постоеше огромен ентузијазам, верба во тоа што го работиме. Идеите ги црпевме од секаде. Бевме малку и селективни во однос на соговорниците, да го одбереме и претставиме најдоброто уште на почетокот. Беше предизвик да се создаде нешто поразлично од тоа што до тогаш можеа да го прочитаат жените во останатите списанија. Се сеќавам на првите фотосесии, на првиот новогодишен календар со македонски модели што им го подаривме на читателките, се сеќавам на маката да се најде нечиј телефонски број за да се договори интервју, на оставањето пораки на пејџер… Се сеќавам и на гордоста што ја чувствував кога на трафика ќе ја видев „Комплетна“, на срцебиењето кога ќе го здогледав моето име на некој текст и на среќата кога ќе кажев каде работам. Всушност, тие чувства не се променети ни денес.

Кои интервјуа беа најбарани и најчитани?

Вкусовите на читателите низ годините се менуваа, исто како што се менуваа и нашите апетити за лицата кои сакаме да се најдат во списанието. Секогаш најубаво поминувале ексклузивните интервјуа дополнети со насловна страница, посебно со личности кои не се од Македонија и со кои договорите за средба можат да траат и со месеци. Ама, таквите интервјуа се секогаш најслатки. Некои од ексклузивните интервјуа и денес ги правиме ние, а дел ги изработуваат нашите соработници од целиот свет, па така, како две понови, а поинтересни интервјуа ќе ги издвојам ексклузивниот разговор со актерката Розана Аркет за нејзината последна серија „ЦСИ Сајбер“ и интервјуто со актерот Жерар Батлер, а поврзано со неговата соработка со парфемите „Бос“,како и она последното со Милош Биковиќ…

13288302_10154548863208488_1110677652_o

Какви промени претрпе списанието од почетокот до сега? Колкав тим работеше тогаш а колкав е сега?

Промените се неопходни затоа што по одредено време читателската публика се заситува од содржините, од визуелниот изглед на секое списание. Токму затоа се менуваше внатрешниот дизајн, стилот на фотографиите на насловната страница, позиционираноста на текстовите, типот на интервјуата, рубриките, темите што се истражуваа… Се менуваше и екипата, многу луѓе го дадоа својот придонес и си заминаа. Новите луѓе носат нови идеи, ама столбот на списанието, креативците кои тргнаа заедно на ова патување пред дваесет години, и понатаму ги раскажуваат своите приказни во секој нареден број.

Што си посакавте со тимот на првиот роденден на „Комплетна“?

Првиот роденден го прославивме скромно и во кругот на „семејството“… Се сеќавам, си посакавме долгогодишност во медиумскиот свет, големи тиражи, блескави насловни страници, интересни соговорници, бројни реклами, забавни содржини, си посакавме да бидеме истрајни, да ги прегрнеме предизвиците, да ги надминеме тешкотиите, да бидеме инспирација и за следните генерации… Големо семејство, бројни желби….

2db5c539-f5bf-468d-8d3b-ca61f5222d89

Кои моменти од работењето би ги издвоила?

Листата е прилично долга… Тука се петте Евровизии, една Универзијада, музички фестивали во соседството, па два концерта на Мадона, Симпл мајндс, Били Ајдол, Продиџи… Неизоставни се и концертите на Сантана, Пинк, Таркан, Роби Вилијамс, Дајана Крол, Ал ди Меола, Џејмс Блант, Лени Кравиц, Том Џонс, Ерос Рамацоти… Незаборавна е средбата со Мика Хакинен, Ричард Гир, Енди МекДауел во Кан… Незаобиколни се познанствата што започнале како средби за интервју, а траат и денес, приватно… Работата во „Комплетна“ значи многу патувања, авантури, смеење, „откачување“ до бесвест… Тоа е онаа работа за која што велат дека „ако најдеш работа што ја обожаваш, нема да работиш ни еден ден во животот!“ Вистинско уживање затоа што денес е секогаш поинакво од вчера, а наутро никогаш не знаеш каде ќе те одведе денот…

13278081_10154548857178488_836962747_n

Тешко ли е да се успее во време кога има експанзија на информативни, забавни и сензационалистички портали?

За да се успее во било што, треба да постои силен мотив и упорност. Ние успеавме во време кога не постоеја други наши, македонски пишани медиуми, кога интернетот беше во зачеток, а порталите не ни постоеја. Со таа сила и упорност им го трасиравме патот на другите списанија што се појавија по „Комплетна“. „Комплетна“ има свој портал, но нашата енергија, креативност и желби се и понатаму примарно насочени кон печатениот медиум… Верувајте, кафето има поинаков вкус кога се пие со списанието што го разлистувате од почеток до крај, додека ги впивате сликите и текстовите и се прашувате што ќе ве изненади на секоја следна страница.

Кои се идните планови?

По две децении љубов, верност и поддршка од читателите, сакаме да им вратиме со нешто ново, забавно, информативно и достапно за сите. Ама, за тоа, од септември.

9eff6192-c732-4bea-bb4a-e30008205ab0

Утре ќе биде роденденската прослава за големиот јубилеј. Што ќе се случува?

Свеќичките ќе ги дувнеме со сите пријатели, деловни соработници, со сите коишто помогнаа „Комплетна“ да расте, да се развива и да се задржи на врвот овие дваесет години. Желбите ќе ги замислиме со сите вас, зашто, со најблиските се споделува најголемата радост, а Hybread.mk е дел од нив.

d28cedf0-1fd8-4474-a389-80aca1aa6a07

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот