ИНТЕРВЈУ Андреј Папаз Ѓоргиевски – Секогаш незаситен за журка

0

Младиот битолски моден креатор Андреј Папаз Ѓоргиевски неодамна ја промовираше својата прва колекција, „Враќање на антихеројот“, па сега ужива во заслужениот одмор и опуштените вечерни излегувања.

„Иако вечерните излегувања ми се сведени на минимум веќе подолг период поради работните обврски, секогаш кога ќе се вратам во Битола, вечерта ми започнува во „House of Manaki“, а забавата продолжува во ноќниот клуб „Расчекор“. Во петок навечер по непишано правило можете да ме најдете на овие две места, без исклучок и редоследно, па ако наминете можеме да се дружиме, зашто ние битолчани сме познати по дружељубивоста.

Блиските знаат дека кога еден локал ќе ми биде по моја мерка, тогаш исклучиво само таму излегувам. Најважно ми е да се чувствувам удобно онаму каде што ја поминувам вечерта. Пребирлив човек сум, а добрата услуга и правилно послуженото вино се нештата на кои обрнувам внимание. Секогаш сакам да наминам тука, дали за кафе, ручек, интимна вечера или за голема забава, а бидејќи кога ќе излезам знам да бидам незаситен од журка, вечерта ја продолжувам во дискотеката, каде позитивната атмосфера секогаш е подгреана со убава музика. Омилени ми се латино забавите.

Најчесто сме голема екипа за излегување, па кога сме сите на број, тогаш ни е најзабавно, а тоа го потврдуваат сите НЕОБЈАВЕНИ слики на Фејсбук и Инстаграм). Најверен компањон, човек што никогаш не откажува журка е мојата пријателка Неда. Работи како новинарка во телевизија, па кога снима низ битолските локали знаеме тоа да ни биде изговор за излегување.

Што се однесува до храната, во последно хит ми се егзотичните салати, комбинација на зеленчук, овошје и јаткасти плодови, а мој пијалак е квалитетно бело вино кое е одлична комбинација со каква било храна.“

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.