Имате рок од триесет дена, времето започнува да тече сега!

0

Календарски, еден месец го пресметуваме од први до први. Некои од нас го сметаат месецот од петти до петти или десетти до десетти, во зависност од тоа кој ден им стига плата. Но, ретко кој од нас го смета месецот ден по ден, без разлика кој датум е, трудејќи се да ја пронајде убавината во секој ден.

Ве предизвикувамe, имате рок од триесет дена, а времето започнува да тече токму сега, во овој момент.

Што се можете или би требало да направите во текот на триесет дена?

Поставете си цели кои ќе ги исполните во рок од триесет дена. Ќе ви биде полесно да ги исполните, отколку да си поставите цели кои се долгорочни и кои би требало да ги исполните за шест или дванаесет месеци.

Не мора да бидат сите тие десет килограми, следниве триесет дена пробајте да симнете само два килограми од вашата телесна тежина, ни помалку ни повеќе. Знам дека ќе успеете!

Најдете време во текот на следните триесет дена да посетите лекар за општа рутинска контрола на вашето здравје. Мхм, да таа контрола за која последниве неколку месеци никако немавте време.

Еден месец има цели 720 часа. Одвојте неколку за себе. Исклучете го телефонот, почестете се со масажа или пак одете на педикир. Времето на сандали само што не пристигнало. Прочитајте некоја добра книга. Топло ви ги препорачувам Ледената принцеза од Камила Лекберг доколку сакате трилери или пак доколку сакате љубовни приказни, читајте ја Мост преку вечноста на Ричард Бах. Ако читате барем педесет странички на час, ќе прочитате книга за неколку часа. А што се неколку часа во споредба со 720 часа?

Во текот на цел еден месец, колку и обврски да имате, секогаш најдете време за она што ви го полни батериите. Добар филм на кино? Купете карти уште сега. Пливање? Одете уште ова попладне. Дружење со деца? Јавете и се на пријателката и прашајте кој ден од месецов би сакала да има слободно попладне. Разубавување? Закажете си термин, во овој момент.

Еден месец е доволно време за да успеете да направите многу нешта. Следниве триесет дена се вистинско време за да ги дочекате следните триесет уште посреќни.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот