ИНТЕРВЈУ Секогаш во потрага по музички авантури – Александра Јовановска

0

Кога „Стисни Плеј“, единствената сèмузичка македонска емисија го славеше својот трет роденден, Александра Јовановска, уредникот и заштитен женски лик на оваа емисија, посака јас да бидам таа, а таа да биде вистински гостин на сопствената забава. Замената на идентитети ја направивме и минатата година, на четвртиот роденден, а оваа година, за петтиот јубилеј, самата се поканив да бидам насмеаната, ведра, интересна ТВ водителка. Во интервјуто со неа ќе откриете дали ќе ми ја исполни желбата…

unnamed-6

На почетокот си на 6. сезона од „Стисни Плеј“, ама по пет години за прв пат сама. Дали чувствуваш поголема одговорност, поголем предизвик овој пат? Дали ќе ти недостасува Марко?

Мене одговорноста никогаш не ме напуштила, а ни сега не можам да кажам дека се чувствувам многу поразлично. За мене работата на „Стисни Плеј“ е стандардна процедура веќе шеста година. Јас секогаш размислував и водев сметка за двајца. Таква сум, сепак одговорността како уредник на „Стисни Плеј“ ми беше доверена мене и многу од моето време и енергија имам посветено на оваа емисија. Кој работел телевизиски проект, знае што значи склопување емисија од 45 минути на неделно ниво. Неколку проекти во Македонија во моментов може да се пофалат со повеќе од 5 сезони зад себе. Ние 5 години не променивме екипа. Знаејќи ги околностите, јас верувам и посакувам Марко и да ни се врати еден ден во МРТ. Со Марко бевме од првиот ден заедно и ја градевме емисијата. Нормално дека ми недостасува. Но, ова го гледам и како нова можност за себе, бидејќи работата во пар бара многу компромис, балансирање и откажување од себе… Сега можам да се вратам повторно на некои мои лични новинарски убедувања, идеи, па и обележја.“

unnamed-1По принципот „прво па машко“, сезоната ја започна со ексклузивно интервју со легендарниот Жан Мишел Жар. Дали ваквиот тип интервјуа, средби, соработки… е тоа што би сакала и што би требало да ја обележи оваа сезона на „Стисни Плеј“?

Ние и досега во „Стисни Плеј“ сме имале многу ексклузивни интервјуа, но да, ова беше поразлично и би сакала почесто да патуваме во потрага по музички авантури низ светот. Исто така не би сакала премногу да се оддалечиме од она што се нарекува домашна музичка продукција и фестивалски и концертни случувања кај нас. Ние се заколнавме дека ќе бидеме емисија за македонска музика и „Стисни Плеј“ може да биде само тоа! Ако го смениме концептот, ќе треба да го смениме и името, а „Стисни Плеј“ да остане во историјата или пак да ја предадам емисијата на некои помлади колеги, кои засега ги немаме во МРТ за јас да можам да се насочам кон нови предизвици.“

unnamed-4

Стисни Плеј“ е и понатаму единствената телевизиска емисија што ја третира македонската музика. Дали се чувствуваш под притисок – сите те бараат, сите сакаат да промовираат, сите сакаат да гостуваат? Колкави нерви треба да имаш и цврст став за да речеш НЕ?

За жал и натаму оваа емисија е единствена и тоа никогаш не ми се допаѓало, особено не сега. Запрепастена сум од неодговорноста на медиумите кон нашето творештво и тука музиката не е единствениот проблем. А периодов и со забраната за емитување македонска музика, мислам дека никогаш не било понелогично нашето постоење и работа. Не чувствувам притисок, јас ја сакам македонската музика, се радувам на нови, убави работи и сите во соодветен момент биле претставени во Стисни Плеј. Некогаш ние чекаме, некогаш тие, се договараме заедно, секој има право да ја понуди својата работа, но што ќе оди – одлучуваме ние. Јас, искрено, никогаш не сакав „Стисни Плеј“ да трае волку долго, а Марко секогаш зборуваше за 5-10 сезони. Ќе се обидам да му ја остварам таа желба и една од најсилните причини поради којашто сè уште работам на „Стисни Плеј“ е таа, дека нема друга емисија за забавна музика кај нас.

12096557_10206304103176344_2327415053348918323_n

Што е со „гостувањата по нарачка“? Ти пречи ли кога пријатели ти бараат „да им учиниш“? Колку си расположена за компромиси?

Не сум и никогаш не сум била расположена за компромиси. Овде луѓето се научени да напредуваат по пријателски или други основи и сите постојано молат за некоја услуга, сакајќи да ја заобиколат процедурата и да стигнат до целта по покусиот пат. Не постои такво нешто, вистинскиот пат е само упорна и макотрпна работа. Сите што биле во „Стисни Плеј“ биле искрено поканети и пречекани со многу љубов и поддршка. Не би сакала да негувам негативни чувства кон соговорникот што седи спроти мене. Ако е гостин, треба да е добредојден! Ако не можат да гостуваат во „Стисни Плеј“, не значи дека како пејачи или автори се забранети на МРТ. Слободно нека повелат на третиот кат во нашата зграда и нека ја понудат својата работа кај уредниците на редакција или сектор. Можеби тие мислат поинаку од мене.

unnamed-5

Каков е твојот став во однос на младите изведувачи? Колкав простор треба да им се отстапи? Сметаш ли дека „Стисни Плеј“ е местото за нив?

На почетокот многу малку отстапувавме простор за младите изведувачи, речиси воопшто ги немавме во првите две-три сезони. Имавме што многу да кажеме со оние поискусните, нам лично тие ни беа предизвик. Кога емисијата стана доволно препознатлива и кога ги научивме гледачите дека како екипа сакаме да го издвоиме најдоброто од најдобрите, ги отворивме вратите и за младите музичари, и не згрешивме воопшто. Многу од имињата кои сега ги гледате на фестивалските сцени со свои настапи и концерти и за кои допрва ќе слушате, своите први интервјуа ги дадоа за „Стисни Плеј“. Во нив особено верувам! Верувам во некомерцијалната, underground сцена, тие беа најприсутни во петтата сезона. Сакам изведувачи коишто се автори на својата музика, коишто компонираат, свират музика, имаат одредени идеи и концепт за она што го творат и сакаат да го кажат. А не само некои деца кои решиле да пејат и, ете, им се погодило да имаат пари да платат песна.“

unnamed-3

Благодарение на Евровизија и твојата работа како шеф на прес, твоите патувања по Европа вклучуваат гостувања во европски телевизиски и радио станици. Колку заостануваме зад нив? Што ни недостасува?

Како професионалци во извршување на задачите не заостануваме, разликата е во тоа што ние треба да вложиме и десет пати повеќе енергија за да стигнеме до целта, бидејќи не работиме во такви услови и во толкави големи тимови, коишто на располагање имаат високи буџети.“

Каков е твојот став за реалните музички шоуа што нè преплавуваат? За инстант ѕвездите за една сезона додека трае шоуто?

Тоа се одлично сработени проекти кои ние уште не успеваме да ги пресликаме кај нас, барем не во континуитет, и да ги продадеме на регионот. Сепак, не ме фасцинираат во смисла на тоа дека престанав да се радувам на многуте таленти коишто таму се појавуваат, бидејќи ретко кој од нив подоцна успеал да направи кариера. Едно е да сте успешен cover пејач, имитатор, а сосема друго е подоцна да успеете да изградите кариера којашто ќе трае и ќе оставите хитови за генерации и генерации. Ваквите шоуа се само една одлична појдовна точка и голема инстант популарност, понатаму сè друго е многу работа и среќа!“

unnamed

Ако „Стисни Плеј“ прави журка за петтиот роденден, дали повторно ќе бидам Александра? Или, ако не, дали ќе ме викнеш да ти бидам гостин-водител во роденденското издание?

Би сакала да го одбележиме сите заедно и петтиот роденден, па супер си поминувавме досега, зарем не?! Зошто да не се дружиме повторно? Размислувам и знам на кој начин сакам да биде тоа, ако не се зафатам со други обврски, секако ќе биде најдобрата забава досега! И да, ти секогаш ќе бидеш Александра на роденденот на „Стисни Плеј“, јас тогаш имам day off.“

Подготви: Андријана Јовановска

Фотографии: приватна архива

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар