И за возење во автобус треба култура!

0

Ако користите такси, сопствен автомобил или велоспед како презвозно средство, а одењето пеш не доаѓа предвид, во тој случај автобусот е единствената опција. Како за сè друго така и за користење на ова превозно средство потребно е да знаете како да се однесувате. Во моментов дел од вас нè читаат додека се враќаат од работа, училиште, седнати некаде во автобус, на една од градските и приградските линии. Сигурно има неколку работи кои и вас ве налутиле пред да влезете во автобусот.

Да почнеме од чекањето на автобуската постојка. Штом забележите дека се доближува автобусот, не чекајте последен момент да дојдете до означеното место за да се качите. Возачот не е должен да застанува на секој еден метар за да зема патници. Се знае каде е постојката и таму треба да стоите. Од друга страна, тој треба да застане исто така на означеното место, а не половина колометар подолу.

Моментот кога влегуваат патниците е уште една работа на која треба двете страни да внимаваат. Сите ќе влезат, без исклучок, само потребно е трпение и толернација. Да, нервозата расте кога има гужва, но тоа не е причина за расправии. Сè би било поедноставно кога сите би застанале еден зад друг и би го чекале својот ред за влез. Во случај автобусот да се преполни, ќе дојде друг – секогаш доаѓа друг!

Имајте на ум дека кога е преполн, му пречи на возачот да ја заврши работата како што треба, а тоа е да ве однесе сигурно на местото каде сакате да одите.

Ако културата е нешто кое се носи од дома, во тој случај би било фино да се покаже и во авотобус со оглед на тоа дека дел од времето во текот на денот го поминувате таму.

Сосема е во ред да му кажете „повелете“ и „благодарам/фала многу“ на возачот кога ви подава кусур или картичка за превоз. Нема ништо чудно и срамно во тоа.

Уште една работа создава проблеми внатре во автобусот, а тоа е фактот дека не може сите да седнат. Има ограничен број на седишта, но исто така и ограничен број на места за стоење. Не може сите луѓе да седат. Да, важи правилото дека треба да се отстапи место на позворасните, но во последно време како да се заборава дека и младите понекогаш имаат потреба да седнат: кога не се чувствуват физички најдобро, кога носат многу торби, кога има бремена жена, кога има мајки или татковци со деца.

Автобусот треба да застане на секоја постојка каде е предвидено иако на вратата нема човек што чека, којзнае можеби за момент некој заборавил, а ќе се сети кога ќе ја види локацијата каде треба да слезе. Исто така, патниците нема потреба да “скокаат“на станицата оти ако има ред, ќе треба само момент да се почека.

Индивидуалниот избор на музика на возачот не треба да биде избор на сите патници. Автобусот не е место за љубовни состаноци и разменување нежности после училиште. Исто така, тоа не е место за кажување на сите семејни проблеми и тајни, кои сакал-нејќел ќе ги слушнеш ако разговорот се одвива над вашата глава.

Постојат многу ситуации на кои треба да се влијае. Ако сите го делиме јавниот превоз, во тој случај сите сме одговорни за квалитетот на услугата што ја добиваме.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.