Горна Белица – уште една скриена убавина на Македонија

0

Познат е фактот дека Македонија изобилува со природни убавини, места кои вреди да се посетат. Едно од нив е Горна Белица, село кое што се наоѓа во општина Струга. Лежи во прегратките на планината Јабланица и е опкружено со прекрасни шуми и неповторлив поглед.

Ако сте расположени за планинарење и авантуристички прошетки, до таму можете да стигнете преку Вевчани. На тој начин ќе успеете да видите две од убавините на Македонија. Попатно, прашајте ги Вевчанци како да стигнете и кој пат е најубав и наjпрепорачлив.

Што вели историјата?

На крајот на 19 век, селото било влашко село, дел од Струшката нахија на Отоманската Империја. Според една теза, селото било основано од деселеници од Москополе, денес во Албанија. Според податоците од 1873 година, селото имало 45 жители мажи Македонци и 305 Власи. Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, селото во 1900 година имало население од 150 жители Албанци и 850 Власи. Според бугарскиот публицист Димитар Мишев, селото во 1905 година имало население од 1200 жители христијани Власи.

На ова место се наоѓаат и археолошки локалитети Вајнос и Писаник.

Вајнос е богато археолошко наоѓалиште, каде што може да се најдат различни стари предмети поради што често е мета на диви копачи. Според археолозите, таму имало и леарница, голема јавна бања, а во римско време ова била значајна попатна станица на Виа Игнација. Таму има остатоци од камените плочи со кои била поплочена најголемата патна артерија во Римското царство.

Писаник се наоѓа во близината на Вајнос, каде што има многу камени плочи на кои има исцртано најразлични фигури.

На Горна Белица се наоѓаат и црквите „Св. Петка“, „Св. Троица“ и „Св. Климент Охридски“ која е манастирска црква.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.