Фудбалерката Наташа Андонова потпиша договор за ПСЖ

0

Можеби не се слушнале за неа, но Наташа Андонова е најдобрата македонска фудбалерка и таа вчера потпиша за францускиот шампион и за еден од најдобрите клубови во Европа, ПСЖ.

Потпишувањето се случи на последниот ден од преодниот рок во женскиот фудбал, а од ПСЖ испратија официјално соопштение во кое стои:

„ПСЖ со задоволство може да соопшти дека потпиша договор со Наташа Андонова која доаѓа од Розенгард. Таа утринава ги помина медицинските тестови и стави потпис на договорот. Наташа Андонова ќе го носи дресот со број 15.“

23-годишната фудбалерка веќе играше за германскиот клуб Турбине Постдам со кој освои две титули во германското првенство, а потоа се пресели во шведскиот клуб Розенгард.

Многумина ја сметаат за една од најталентираните фудбалерки во Европа. Откако го потпиша договорот со клубот од Париз, таа истакна:

„Доаѓањето во ПСЖ е мој најголем предизвик во досегашната кариера. Клубот е бренд во Европа и светот и среќна сум заради довербата која ја покажаа во мене. Се надевам дека ќе се оддолжам најдобро што можам.“

Договорот со ПСЖ ќе трае до крајот на сезоната со можност за негово продолжување. Сепак, Андонова нема да настапува за ПСЖ во Лигата на шампионите, бидејќи оваа сезона веќе играше за Розенгард, а правилата на УЕФА се јасни – никој не може да игра за два клуба во една сезона.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот