FITUP: „ЗГОЛЕМЕТЕ ЈА СИЛАТА И ПОДОБРЕТЕ ГО ИЗГЛЕДОТ СО РУСКО ЅВОНО“ – ИВА СТОЈКОВСКА (РАКОМЕТАРКА)

0

Русокосата Ива Стојковска е една од нашите најталентирани ракометарки. Настапите со презентацијата на Mакедонија и носењето на националниот дрес се нејзиниот најголем мотив за спортување и водење здрав живот. Редовните тренинзи со ракометот се нејзино секојдневие уште од 7 годишна возраст, но често ја посетува и теретаната. Денес ќе ви презентираме дел од нејзините омилени вежби за кондициони припреми со помош на руско ѕвоно:

„Отсекогаш сум го сакала спортувањето. Започнав да играм ракомет уште на мои 7 години, најверојатно поради пренесената љубов на мајка ми и баба ми кон истиот спорт, кои своевремено исто така активно играле. Иако имав желба да играм и тенис во Македонија услови за професионално да се занимавам со спорт повеќе нудеше ракометот, па така тенисот ми остана само за рекреација.“ Нејзините почетоци и први професионални успеси ги постигнала уште во тинејџерските години како дел од тимот на „Кометал Ѓ.Петров“, а подоцна премина и во шампионскиот клуб „Вардар“ во кој игра и денес. „За најголемите успеси ги доживувам настапите на Лига на шампиони и секако со репрезентацијата на Светското Првенство бидејќи огромно е задоволството и честа да се носи националниот дрес. Секако не би ги изоставила и деновите поминати во мојот прв клуб „Кометал Ѓ.П.“ со ѕвезди како што се Јелиз Озел, Валентина Радулович, Едуарда, Ана Аморим…“.

Кога станува збор за настапите таа секогаш се загрева 45 минути пред утакмица, слушајќи ја нејзината најомилена музика. Трчање, брпи и истегнувања… се нејзиниот ритуал. Во теретаната пак го сака возењето на статичен велосипед и практикува кондициони вежби, па затоа и руското ѕвоно е често дел од нејзините тренинзи.

 „Руското ѕвоно (Kettle bell) во последно време е се попопуларно најмногу поради резултатите кои ги дава. Многу повеќе сакам да тренирам кардио, кондициони вежби, но во исто време да работам и на зголемувањето на мојата сила и секако физичкиот изглед. Токму затоа сметам дека руското ѕвоно е идеално. Доколку сакате затегнато тело, подобра кондиција, издржливост и повеќе енергија, ова е одлична програма без разлика на тоа дали сте веќе искусен вежбач или пак почетник.“

***Спортот кревање кетбел односно руско ѕвоно претставува дел од националната руската култура. Борачите и снагаторите во минатото го припишуваа својот успех на употреба на кетбели во нивните тренинзи.

РУСКОТО ЅВОНО Е СОСТАВЕН ДЕЛ ОД ПРОГРАМАТА ЗА СИЛА

Тренингот со руско ѕвоно е поразличен од вообичаените тренинзи за сила. Вежбите најчесто се изведуваат во стоечка положба и често со помош на само еден екстремитет. Изведбата треба да биде брза и експлозивна. Силен акцент се става на мускулите на јадрото што се должи на фактот што вежбањето со една тежина значи дека треба да ги користите вашите стомачни мускули за да го стабилизирате торзото и да се вратите во исправена положба. Овој тип на тренинг има тенденција да стави акцент на мускулите на задниот дел – особено мускулите на грбот, листовите и бутните мускули. Овие мускули се сметаат за “моќна зона”, бидејќи тие се во голема мера одговорни за вашата способност за трчање, скокање и подигнување на предмети од земјата. Долгото седење ги ослабува овие мускули, па ако сакате навистина убаво да го изградите вашиот задник – заради перформанс или од естетски причини – нишањето или snatches со руско звоно може да биде токму она што ви треба.

„Во зависност од тежината која ќе ја изберам ставам акцент на одредени делови од телото. Најчесто вежбам „нишалка“ или „snatches“ бидејќи се одлични метаболички прорами и согорувачи на масти кога се изведуваат во серии со многу повторувања. Од друга стрна пак, вежбањето со многу поголеми тежини и мал број повторувања ми помагаат да развијам многу поголема сила и моќ. Многу од вежбите со руски ѕвона ги ангажираат екстремитетите низ голем опсег на движења, честопати симултано. Ова носи големи предности – и за спортските движења, но и за секојдневните физички задачи. Важно е само да не заборавиме дека ова се навистина важни вежби, но како и другите, тие се само еден составен дел од комплетната програма за сила.“

***Постојат многу варијации на вежби кои можете да ги правите во зависност од вашата креативност, делумно како замена за еднорачните тегови.

ПОСТИГНЕТЕ ГОЛЕМИ РЕЗУЛТАТИ И ПО ПРИРОДЕН ПАТ
Што се однесува до исхраната Ива внимава на внесот на јаглехидрати и често избегнува да јаде благо и тесто, одреден период користела и различни додатоци и суплементи за кои вели дека имаат ефикасност но и дека не ги препорачува. „Суплементите можат многу да помогнат, особено во зголемувањето на издржливоста при напорните тренинзи, но не мислам дека се навистина нужни. Се може да се постигне и без нив и на многу поприроден начин. Можеби ќе биде потребно малку повеќе време, но трудот секако ќе се исплати.“

Подготвил: Даниел Данн

Фотограф: Бранислав Митровиќ

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар