Fit Up: ВОЗЕТЕ ВЕЛОСИПЕД – КАРДИО ВЕЖБА КОЈА ЌЕ ВЕ ОСЛОБОДИ ОД СТРЕСОТ

0

ВАНЕ МАРКОСКИ Е ЕДЕН ОД НАJПРЕПОЗНАТЛИВИТЕ РАДИО И ТВ ЛИКОВИ КОЈ СЕКОЈДНЕВНО ИМАТЕ МОЖНОСТ ДА ГО СЛЕДИТЕ НА ФРЕКФЕНЦИИТЕ НА РАДИО СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА И НАЦИОНАЛНАТА КАНАЛ 5. БРОЈНИТЕ ОБВРСКИ ЗА ПОДГОТОВКА НА ЕМИСИИТЕ И ИСПИТИТЕ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ НЕ ГО СПРЕЧУВААТ АКТИВНО ДА СПОРТУВА И ДА СЕ ГРИЖИ ЗА СВОЕТО ЗДРАВЈЕ.

Ване веќе неколку години активно спортува и се грижи за своето здравје. За FIT UP вели дека јавната професија изискува да се биде во топ форма, но пред се и да се има одлична кондиција за успешно да се завршат сите задачи. Возењето велосипед е неговата пасија и неговиот избор број еден кога станува збор за омилениот тренинг. Го сака и пливањето, а честопати посетува и теретана.

Има многу причини зошто возењето велосипед е навистина добро. Прво преставува одлична кардио вежба, согорува калории, ве исполнува со убаво чувство, ослободува од стрес, а според едно истражување за кое имам читано, направено од „University od Surrey“, возењето велосипед може да помогне и во контролирањето на апетитот. Морам да додадам дека го подобрува сексуалниот живот, но придонесува и за помлад изглед. А на крајот, нели, сепак ја штитиме и животната средина. Омилени дестинации за возење ми се езерото Козјак и Водно, но често пати ја користам и велосипедската патека на кејот на Вардар. Лично најмногу преферирам да возам сам бидејќи тоа ми е на некој начин опуштање од секојдневните обврски. Слушалките на уво, омилената музика и едно два часа сигурно возам. Но, морам да признаам дека кога одам на некои подалечни дестинации, секогаш преферирам да имам друштво, барем уште еден велосипедист.

Возењето велосипед го штити и срцето, односно докажано е дека возењето велосипед го намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Исто така, возењето велосипед ве снабдува со енергија во текот на денот и воедно гарантира дека ќе се наспиете добро во текот на ноќта.

Моето искуство вели дела е најубаво да се вози наутро, бидејќи така се подобрува циркулацијата на крвта од нозете, па се до мозокот. Според мене, сите можат, барем три пати во неделата, се разбира доколку дозволуваат временските услови, да возат велосипед. Одлична опција е и да го користите велосипедот како ваше основно превозно средство за на работа или училиште. Единствено тоа не можат да го прават само луѓето кои за жал имаат здравствени проблеми и кои не треба премногу да се заморуваат. Но, доколку сте повозрасни, тогаш рамните површини се идеални за возење, а за помладите и луѓето со повеќе енергија, постојат интересни планини за возење и места кои навистина предизвикуваат.

Возењето велосипед може навидум да ви изгледа како сосема безопасен начин на спортување, но добро е секогаш да се внимава. Во зависност од околината почитувајте ги сообраќајните правила и секогаш носете ја потребната заштитна опрема.

Кога возиме велосипед, нормално е дека треба да се носи опрема за заштита на главата, зглобовите, колениците, па макар и кога се вози рекреативно, на прави патеки, на пример. Но, најважно е сепак да бидете сконцентрирани, односно народски кажано, да не ви „лета паметот“. Тоа е потребно за секој спорт, нормално.

Покрај возењето велосипед како мој омилен начин да потрошам енергија и калории сакам да комбинирам и теретана и кросфит. Морам да признаам дека кросфитот ми го промени животот и начинот на вежбање. Токму со овој начин на вежбање работите на зголемување на мускулната маса, но во истовреме ви дава сила, ја зголемува вашата кондиција и ве прави побрзи и поздрави. Овој начин на вежбање е забавен и овозможува многу различни комбинации на вежби.

Тешко ми е да издвојам неколку вежби, можеби клекнувањата, кои се омилена вежба на многу спортисти и фитнес ентузијасти, бидејќи тие ја зголемуваат силата на телото, ја подобруваат издржливоста, флексибилноста и рамнотежата, а покрај тоа одлично ги формираат нозете и задникот. Оваа вежба исто така има голем број варијации и можете да ја правите речиси секаде. Исто така сакам и пливање, па секогаш кога имам можност го правам тоа бидејќи сите знаеме дека со само еден тренинг пливање успеваме да ги активираме сите мускули на нашето тело.

 

НАПРАВЕТЕ СОПСТВЕН НАЧИН НА ИСХРАНА. ТОЈ ТРЕБА ДА ОДГОВАРА НА ВАШИОТ ЖИВОТЕН СТИЛ И ПОТРЕБИТЕ НА ВАШЕТО ТЕЛО

Кога станува збор за исхраната не сакам кога некој ќе ме убедува дека некој режим или начин на исхрана е добар за мене. Јас читателите ќе ги советувам да си направат сопствен начин на исхрана, кој што ќе им одговара на нивниот начин на живот и потребите на организмот. Важно е само да се јаде често, на секој три часа, и да се внесуваат протеини, јаглехидрати, масти… На телото му е потребно се, но се разбира, внесено во умерени количини. Треба време, нерви, но после еден месец ќе си видите дали на вас ви одговара денот да го почнете со овошје или зеленчук, со овес или житарки. Правете како што мислите дека за вас е најдобро. И запомнете, најадете се убаво во текот на денот, за навечер да не се прејадете, бидејќи телото троши многу повеќе во текот на денот за разлика од ноќите кога мирува и голем процент од внесената храна ја складира како резерва.

Ване периодов е активен како радио водител на емисиите со кои ја третираат македонската музичка сцена „Мак Сцена“, „Мак хит листа“ и „Мак концерт“ на РСМ, но и како водител на тв проектот “Избор на најдобри рецепти“ во кој често пати е пред големо искушение да конзумира калорична храна. Сепак тој вели дека самоконтролата е клучна, а се разбира и редовната физичка активност му дозволува понекогаш да направи исклучок.

Целта на овој проект е да се готви наша традиционална македонска храна, а сите си знаеме дека нашата кујна си е така богата, ем со рецепти, ем со вкусови, ем со калории, па затоа и не можам премногу да сугерирам во однос на состојките. Морам да признаам дека доколку има премногу калорични рецепти, одбегнувам да ги конзумирам, но кога има „полесна“ храна, знам да си пробам. Во текот на целиот овој период, кога го менував начинот на исхрана, научив и да се контролирам себеси. Кога ќе бидам исправен пред некој вкусен „предизвик“ ми текнува колку нездраво се хранев порано и какви проблеми имав поради тоа и веднаш ми поминува желбата да пробам.

Неговиот најголем мотив за активно да се занимава со спортување е тоа што е вистински среќен кога вежба.
Тоа се низа на нешта кои се многу поврзани и кои ретко може да се опишат со зборови. Здрав живот, исполнетост, самодоверба, трошење на негативна енергија… Токму затоа и го избрав фитнесот како мој животен стил. Сигурен сум дека потсвесно секој од нас знае кои се оние здрави навики кои треба да ги практикуваме, но чувствувам потреба да дадам акцент на тоа дека навистина е важно да се храните здраво. Обидете се почесто да готвите дома, вежбајте редовно, сакајте ги луѓето кои ве сакаат, посветувајте време на себеси и споделувајте ја вашата среќа со секого. Бидејќи само така ќе бидете среќни и исполнети.

Подготвил: Даниел Данн
Фотографии: Бранислав Митровиќ

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.