Fit UP: Храната е нашиот (не)пријател?! – Тања Турунџиева

0

Да, на сите ни е добро познато дека до здраво тело не можеме да дојдеме само преку редовна физичка активност. Форумите и интернет порталите се полни со совети за здрава исхрана и кој е всушност оној „вистинскиот“ начин на исхрана. Често пати од големата желба за брзи резултати не ги согледуваме пропустите во универзалните диети и храната наместо да биде пријател на човековото тело – станува непријател.

Коинциденција или не, токму денес Вита Диет клубот на нашата позната нутриционистка Тања Турунџиева прославува 17 години успешна работа, а за Fit UP и за читателите на Hybread.mk ни ги даде вистинските совети како да се грижиме за своето здравје и да бидеме во фит форма.

>> Fit UP: СЕГА Е СОВРШЕН МОМЕНТ ЗА НОВ ПОЧЕТОК (прочитајте тука

НЕ ПОСТОИ УНИФИЦИРАН РЕЖИМ НА ИСХРАНА

Уште во 2000-та година по своето враќање од Германија, Тања, заедно со докторот Митрев, како големи ентузијасти го оформуваат Вита Диет клубот. Во периодот кога сите теми поврзани со здравата исхрана се табу и луѓето не се доволно информирани за значењето на нутриционизмот, тие се првите кои ни ги носат вистинските информации.

„Решивме да создадеме нешто што во тој период беше чудно за нашиот менталитет, особено на Балканот, а можеби и многу пошироко. Тој период постоеја мал број здруженија од таков тип, кои ќе ги обединат луѓето кои имаат проблеми со вишокот килограми, со помалку килограми, со здравствени проблеми преку храната, и некако тоа беше табу тема…

Имаше периоди кога луѓето доаѓаа од помодарство за само да кажат дека имаат свој личен нутриционист, не толку од вистинска потреба. Се радувам многу на периодот кога се занимавав само со симнување килограми, односно им помагав на оние лица кои имаа проблеми да ја добијат својата идеална тежина. За жал, некако од 2008 година па наваму луѓето многу помалку бараат нутриционист за да работат на својот физички изглед туку многу повеќе од здравствени причини.“

„Мојот принцип на работа за сите овие години е дека никому не треба да му се препише каков било режим на исхрана сè додека немам целосна анамнеза, односно историја на болест и комплетна крвна анализа која бара многу повеќе параметри, интернистички пристап, за потоа да можам да направам соодветен режим на исхрана. Секој режим на исхрана е индивидуален и зависен од моменталната здравствена состојба на човекот. Се случува исто лице во неколку наврати да добива различен вид на исхрана, повторно според потребите на неговиот организам во дадениот момент.

Тоа е најдобриот начин да се насочите кон она што вистински му е потребно на вашиот организам, бидејќи постојат и многу комплицирани заболувања кои бараат парадоксален внес на нутритиви. Ако за едното заболување му е дозволено, за другото не смее ни да помисли да го внесе.“

Луѓето често мислат дека здравиот начин на исхрана е скап и недостапен за сите. Но, напротив храната која најмногу ни е потребна ја има во изобилство и е достапна за сите.

„Се работи за македонска храна. Кога зборувам за македонска мислам на сите оние продукти кои ги имаме во изобилие на овие простори, достапна за сите и многу лесно може да ни ги дадат потребните хранливи вредности на нашиот организам. Единствено што форсирам се безглутенските житарки. Како некој кој редовно истражува и ги следи сите новости на база на научно-истражувачка дејност, особено земајќи ги примерите на Скандинавските земји кои и вложуваат во секојдневно експериментирање за да може да добијат соодветни информации околу одреден нутритив или како тој реагира односно ќе се рефлектира на одредено заболување, сметам дека токму тие се вистинскиот избор.“

Ако имаме добар начин на исхрана, ако имаме редовна физичка активност, ако имаме ред и дисциплина во секојдневниот живот, односно негуваме здрав животен стил тогаш ќе имаме и здравје, независно од стресот, кој за жал е причинител број еден за сите заболувања.

„Стресот секој различно го доживува, преживува, секој има различен метод и начин на елиминирање. Доколку имаме силен имунитет тешко дека било што ќе може да ни го поремети балансот во телото, но сепак стресот е причинител за активирање на многу заболувања за кои ние и не сме свесни дека ги носиме во себе.

>> Fit UP: НА ПРВ ТРЕНИНГ СО АЊА ВЕТЕРОВА (прочитајте тука)

РАСПРЕДЕЛЕТЕ ГИ НУТРИТИВИТЕ ПРАВИЛНО ВО ТЕКОТ НА ДЕНОТ

„Советите кои ќе ги добиете од професионален нутриционист се однесуваат на тоа како правилно да ги распределите нутритивите во текот на денот. Апсолутно е погрешно да добиете режим на исхрана кој ќе ве ограничува временски, или пак количински. Тоа значи дека денот започнува со самото будење, односно доколку за некого денот започнува во 6 часот наутро, можеби за друг денот започнува во 10 или 11 часот. Дали денес ручекот ќе ни биде во 14 часот, утре, пак во 16 или 17 часот тотално е неважно, бидејќи тоа е наш дневен, индивидуален биоритам. Невозможно е некому да му кажете дека треба да ја прескокне вечерата или пак таа треба да ја има најдоцна до 20 часот, а притоа поради работни, умствени обврски тој да мора да остане буден до доцна во ноќта и неговото тело едноставно да има потреба од повеќе енергија.

Голем минус кај луѓето е тоа што свежата салата не ја сметаат за оброк. А таа е корисна бидејќи во себе содржи многу витамини и минерали коишто ја прават нашата главна катализација, чистењето на организмот додека ние се наоѓаме во состојба на сон, не дозволува да ни се развие хипогликемија, имаме нормален метаболизам и нормално ни функцинира целиот ендокрин систем. Таа е со „празни“ калории и ќе го задоволи нашиот организам.

Реалноста е дека сите гладуваат до 17 часот и подоцна кога веќе се прегладнети, кога телото по природен пат запаѓа хипогликемија, односно кога имаме пад на шеќерот во нашето тело – тие се прејадуваат. По таквото преоптоварување на организмот ние се доведуваме во состојба на сон, односно паѓа притисокот, се чувствуваме уморни и тоа не од напорниот ден туку само поради лошо распределените нутритиви, односно приредувањето на шок од големиот внес на храна во нашето тело.“

TCC Grand Plaza

Подготви: Даниел Данн

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот