FIT UP ИНТЕРВЈУ: ЕЛИ ЈАКОВСКА, НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ НА ШАМПИОНОТ ФК ИСТАТОВ

0

22 годишната Ели Јаковска е најдобриот стрелец на ЖФК СЦ Истатов, новиот шампион на Македонија во женски фудбал. Родена во Пробиштип, студира туризам и менаџмент во Скопје, но сепак професионалниот фудбал е нејзината најголема пасија.

„Фудбалот го одбрав бидејќи ме привлекува со оглед на тоа што е најважната споредна работа на светот и преку него ја гледам мојата шанса за афирмација и изградување во здрава личност . Почнав да играм уште од мали нозе, првенствено со другарите во маало и на стадионот во Пробиштип каде и ги направив своите први фудбалски чекори во ЖФК Црешово топче. Продолжив да играм за ЖФК Борец од Велес, а потоа следеа ЖФК Тиверија од Струмица и ЖФК Драгон од Скопје. Сега настапувам за ЖФК СЦ Истатов од Нов Дојран, со кој пред еден месец ја освоивме двојната круна“.

Дел од својата кариера поминува и во Србија, во редовите на повеќекратниот шампион Спартак од Суботица. Како дел од клубот осовојува двојна титула и влегува во 32-те најдобри во Европа. Нејзиниот најголем индивидуален успех е тоа што два пати е прогласувана за најдобар стрелец во ПЖФЛ на Македонија.

ЖФК СЦ Истатов од Нов Дојран е основан пред 2 год и истиот е во сопственост на семејството Истатови. На чело на клубот стои фудбалската легенда Благој Истатов, а предводник од клупата на екипата е Кирил Изов кој е и актуелен селектор на женската фудбалска репрезентација на Македонија. Екипата на располагање ги има едни од најдобрите услови во Македонија бидејќи база ни е Спортскиот центар Истатов во Нов Дојран и со оглед на плановите и амбициите на раководните луѓе на клубот сигурна сум дека клубот уште долго ќе опстојува и ќе биде успешен во Женскиот фудбал во Македонија, а се надевам и надвор“.

Фудбалот сеуште се смета како машки спорт. Постоењето на женски фудбал е се уште табу тема и со тоа неправедно се оспоруваат талентите и квалитетите кои ги поседуваат младите девојки. Но, во Македонија и покрај тоа се поголем број на девојки се одлучуваат да се занимаваат токму со овој спорт.

„Сметам дека не треба да постои разлика или поделба на машки и женски фудбал. Јавноста подеднакво треба да гледа на нив, бидејќи и ние девојките можеме да бидеме подеднакво успешни како и мажите. Тие табуа дека фудбалот е машки спорт не треба да постојат повеќе“.

Полот аполутно не преставува предиспозиција за да се занимавате со овој спорт. Мотивацијата и редовните тренинзи се всушност најважната алка во процесот за да станете успешен фудбалер.

“За да биде успешен еден спортист на теренот нормално, треба да поседува талент, но и да биде упорен и постојано да се надоградува и да работи за да напредува и да се развива како спортист. Тренинзите се неминовен сегмент и секој тренинг си има своја цел и намена, во однос на тоа дали на него се работи на учење нови фудбалски елементи, или поправање на грешките и кон него секогаш пристапот мора да биде сериозен. Целосно сум посветена на фудбалот и паралелно не се занимавам со друг спорт бидејќи професионалниот фудбал не го дозволува тоа, но секако дека покрај редовните тренинзи посетувам и фитнес, како индивидуално, така и со мојот тим и тие тренинзи таму се исто така во насока на што подобар спортски развој“.

Без разлика дали се занимавате професионално со спорт или пак едноставно сакате да водите грижа за своето здравје многу пати сме потенцирале колку е важна исхраната. Се разбира одредени активности како фудбалот бараат и многу поригорозен режим на исхрана, односно голема дисциплина со цел максимално да го искористите потенцијалот на вашето тело.

„Нормално дека професионален спортист мора да внимава на исхраната. Имам посебен режим на исхрана кои го водам во консултации и по посебна програма со моите тренери. Сметам дека здравата исхрана е еден од клучните фактори за постигнување на што подобри резултати, како индивидуални, така и на клубско ниво“.

Покрај редовните тренизни и подготовките за престојната Лига на шампиони од овој месец Ели е и бренд амбасадор на македонско-американската спортка дизајнерска куќа Дибиаџио која донираше комплетен аутфит за шампионките од ФК Истатов.

„Со оглед на тоа што на крајот на сезоната со мојот сегашен клуб се закитивме со двојната титула, како шампиони на Македонија, во август ќе играме во Лигата на шампиони во Осиек, Хрватска. Тренинзите ни се веќе во тек, познати се и противниците во групат, па се надевам дека со добри подготовки достојно ќе се преставиме во Европа.

Во однос на облеката, апсолутно е многу важно што ќе носиме при натпреварите. Од една страна сакаме да се чувствуваме комотно, но сепак ние сме девојки, сакаме убава облека и не ни е сеедно како ќе изгледаме на теренот, а и надвор од него. Иако не е пресуден фактор има битна улога во целиот процес на фудбалски развој и сме многу благодарни на Мариа и целиот тим на Дибиаџио за хуманата страна и поддршката која ни ја дадоа на нашиот клуб“.

Подготвил: Даниел Данн

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот