Филмови на кои ќе се исплачете како човек

0

Сите „паѓаме“ на убава романтична приказна, посебно ако уште во првиот миг не плени љубовната приказна на главните ликови во филмот што го гледаме. Но кога таа љубовна приказна има неочекувано тажен крај, тогаш не ни се доволни ни неколку ќесички со хартиени шамивчиња.

Ако сепак сакате да се исплачете како човек, да ги пуштите емоциите да ве поведат, ви предлагаме да погледнете барем еден од овие филмови… И немојте да кажете дека не сме ви рекле дека се тажни… многу, многу тажни.

A Walk to Remember

Филмот во кој настапуваат Менди Мур и Шејн Вест е вистинска класика помеѓу помладата публика, но подеднакво е популарен кај сите генерации. Приказната е позната – добра девојка се заљубува во „лошо“ момче, но приказната почнува вистински да се развива кога тој ќе дознае дека таа боледува од леукемија. Мора да го погледнете за да дознаете дали болеста е посилна од љубовта.

Me Before You

Помеѓу Емилија Кларк и Сем Клафин постои вистинска филмска хемија која е впечатлива уште од првиот момент кога ќе се појават во иста сцена. Љубовната приказна се развива бавно, поинаку од љубовните стории што сакаме да ги гледаме во романтични филмови, но таа е силна… Нејзината ведрина и неговиот хендикеп се две спротивставени приказни кои се спојуваат во една заради љубовта. Се до самиот крај, кој ќе ве остави во солзи.

Remember Me

Кога на филмското платно ќе се спојат Роберт Патинсон и Емили де Рејвин, не може да не се заљубите и во нив и во нивната љубовна приказна. Младиот Тајлер не успева да се соочи со самоубиството на својот брат се додека не ја запознае Алиша. Новната љубов расте, се развива, а Тајлер успева да се смири дури и со неговиот татко, кого го обвинува за семејната трагедија… И токму таму, во канцеларијата на татко му, се случува пресврт кој ќе ви остави грутка во градите.

La La Land

Дали знаете дека филмот кој претендира за наградата Оскар оваа година е убав љубовен мјузикл со тажен, неочекуван крај? Рајан Гослинг и Ема Стоун се совршен избор за улогите, љубовта која се раѓа меѓу нив ќе ве однесе во едно друго време, ќе посакате филмот да не заврши. Но, веќе кажавме премногу… Затоа погледнете го уште вечерва.

Titanic

Колку пати до сега сте го изгледале можеби најтажниот филм на сите времиња? И колку пати сте се исплакале од се срце? Ако сте емотивни, тажни, заљубени, или едноставно сакате да ги ослободите чувствата, време е уште еднаш да ја погледнете приказната за Роуз и Џек… Приказната за љубовта и жртвата повторно и повторно ќе ве растажи, ама и ќе ви биде убаво потоа.

Ние ви предложивме, на вас останува да го направите својот избор.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот