Еден ден кога ќе имам син…

0

Еден ден кога ќе имам син, ќе пробам да ги правам спротивно работите од сите други. Од неговата трета година, јас ќе му зборувам постојано и ќе повторувам исто: „Мило мое, ти не мораш да станеш инженер. Не мораш да станеш адвокат. Не е важно што ќе бидеш кога ќе пораснеш. Сакаш да станеш психолог? Браво! Спортски коментатор?“

А на неговиот 30-ти роденден – тој ќе дојде и ќе ми каже – тој сладок и симпатичен кловн, со спуштен црвен нос и шминка на лице – и ќе ми рече:

„Мамо, имам 30 години и работам како кловн во трговски центар! Дали тоа беше живот како што сакаше за мене? Каде ти беше умот кога ми рече дека високото образование не е потребно? Кое е твоето објаснување мајко, зошто ми дозволи да си играм со пријателите, наместо да ме тераше да пишувам домашни задачи по математика?“

А јас ќе му речам „Душо моја, јас само се обидував да бидам внимателна и добра мајка. Не сакав да те присилувам на ништо. Видов дека математиката не те интересира, а толку многу уживаше во игрите со помалите дечиња.“

На тоа ќе ми одговори: „Не знаев ништо друго да работам. Бев дете! Ни бев во позиција сам да одлучам. Но, ти, ти ми го уништи цел живот“. Тој ќе ги избрише солзите со својата валкана облека и ќе го разамачка црвенилото по цело лице.

Тогаш, ќе станам на нозе, ќе го погледнам во очи и ќе му речам: „Слушни ме сине. Постојат два типа на луѓе на овој свет: оние кои го живеат својот живот и оние кои се занимаваат со барање кривица. Ако тоа не можеш да го сфатиш, тогаш си будала.“

Тој ќе викне: „Ах“! И ќе се замисли. Психолошкото советување после тоа ќе трае околу 5 години.

Или пак ќе се случи следново:

Еден ден кога ќе имам син, јас ќе го правам тоа што го прават другите. На возраст од 3 години, постојано ќе му повторувам: „Биди паметен сине, размислувај за својата иднина. Заврши ја домашната задача по математика. Не сакаш целиот свој живот да го поминеш како телефонски оператор.“

А тогаш, на неговиот 30-ти роденден, ќе дојде кај мене –целиот испотен, проќелав, со седа коса, програмер со длабоки брчки на лицето и ќе рече: „Мамо, имам 30 години и работам за Гугл 20 часа во денот, немам семејство. Каде ти беше умот кога ми рече дека добрата работа ќе ме направи среќен човек. Што се обидуваше да оставариш кога ме присилуваше да студирам математика?“

А јас ќе му речам: „Душо моја, едноставно сакав да имаш добро образование. Сакав да бидам сигурна дека сите можности во иднина ќе ти бидат достапни“.

На тоа, ќе ми каже: „Кои се тие проклети прилики за мене мамо, кога се чувствувам мизерно? Одам покрај кловнови во трговскиот ценатр и им завидувам. Тие се среќни. Можев да бидам на нивно место, знаеш. Но, ти – ти мораше да ми го уништитш целиот живот.“ И со растреперени раце ќе ги избрише солзите под очилата.

Тогаш ќе станеме и двајцата на нозе, ќе го погледанм во очи и ќе му речам: „Слушај сине. Постојат два типа на луѓе во овој свет: оние кои ги живеат своите животи, но и оние кои го поминуваат животот барајќи виновници. Ако тоа не можеш да го сфатиш, тогаш си будала“.

Тој ќе викне: „Ах“! И ќе се замисли. Психолошкото советување после тоа ќе трае околу 5 години.

А може да се случи и вакво сценарио.

Еден ден кога ќе имам син, ќе пробам да ги направам работите на едноставен начин. Кога ќе има 3 години, ќе му кажам: „Јас сум овде да те сакам. Ако сакаш совет душо оди прашај го тато. Јас не сакам да бидам таа која ќе ја донесе конечната одлука“.

И на неговиот 30-ти роденден, тој ќе дојде кај мене – испотен – проќелав режисер, со меланхоличен поглед во очите  – и ќе ми рече: „Мамо, имам 30 години и откако бев дете, се обидував да го привлечам твоето внимание: посветив 10 години на филмот и имам пет главни улоги за тебе, напишав книга само за тебе, мајко. Но, се чини дека за тебе ништо нема значење. Зошто секогаш избегнуваше да ми го кажеш твоето мислење? Зошто секогаш ме тераше да го прашувам тато?“

А јас ќе речам: „Душо, не сакав да носам никакви одлуки за тебе! Едноставно сакав да ти ја пружам сета своја љубов. Што се однесува до давање совети, татко ти беше преполн со нив.“

Тој ќе ми рече: „Па зошто би ми биле од корист тие проклети совети од тато, кога единствено сакав да го слушнам твојот?! Целиот свој живот, пробував да ти го привлечам вниманието. Бев луд и давав сè од себе да дознаам што мислиш за мене. Само еднаш мајко„ Само еднаш! Твојата тишина, твојата незаинтересираност ми го уништија животот.“

И тогаш, со актерски вештини, тој ќе ја стави раката на чело!

Ќе му кажам: „Слушај сине. Постојат два типа на луѓе на овој свет: оние кои го живеат животот и оние кои секогаш чекаат нешто. Ако тоа не можеш да го сфатиш тоа, тогаш си будала.“

Тој ќе викне: „Ах“! И ќе се замисли. Психолошкото советување после тоа ќе трае околу 5 години.

Овој текст е одлично четиво против мајчинскиот перфекционизам – поривот да станеме идеални мајки. Сите ние треба малку да се опуштиме! Без оглед колку и да се обидуваме да бидеме совршени родители, кога ќе ни пораснат децата, тие секогаш ќе имаат нешто да му признаат на својот психотерапевт, нешто кое им смета од детството.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот