Драгоцена победа за екипата на Вардар

0

Екипата на Вардар оствари драгоцена победа од 31-29 на гостувањето кај Пик Сегет во тринаесетото коло од лигата на шампионите. Вардарците успеаа да одиграат одличен и квалитетен меч и не потклекнаа пред пеколната атмосфера.
Најзаслужен за победата беше резервниот голман на Вардар-Страхиња ‘Џамбо’ Милич кој со своите интервенции во вториот период ги фрли во очај ракометарите на Сегет и им даде шанса на ракометарите на Вардар да се одлепат и да прејдат во водство.
Тој имаше 13 одбрани од кои 10 во второто полувреме. Оваа негова фантастична партија му го донесе и признанието најдобар голман на 13-то коло во лигата на шампионите. Тој беше избран во идеалниот тим на колото а исто така една негова интервенција беше избрана за втора најдобра тоа коло.

Натпреварот беше тесен и неизвесен во првото полувреме. Екипите цело време се менуваа во водство но ниедна од нив не успеа да направи повеќе од два гола разлика. Пред крајот на полувремето беше нерешено 13-13 но Вардар промаши напад а Јонас Калман успеа во последната секунда да погоди за Сегет да отиде со минимални 14-13 на полувреме.
Во второто полувреме Џамбо Милич се разбрани и после неколку одбранети зицери во серија му даде шанса на Вардар да направи 4-0 и да поведе со 17-13. Вардарци и расположениот Милич не застанаа тука. Продолжија со одлична игра и во еден момент имаа и 6 гола позитива. До 57 мата минута имаа 5 гола предност меѓутоа во последните мигови се опуштија и дозволија Сегет да намали на два разлика 31-29, резултат со кој и заврши натпреварот.

Колку е важна оваа победа за Вардар говори и фактот дека со оваа победа Вардарци имаат еден бод предност пред Пик Сегет и со победа над Монпеље во последното коло ќе имаат големи шанси да бидат трети во групата. А третото место го посакуваат сите во Вардар како и навивачите.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.