Драги родители, во врска со ТОА дете кое прави проблеми во училиште…

0

Драги родители,

Знам дека сте загрижени. Секој ден, Вашето дете доѓа дома со приказна за ТОА дете, кое што секогаш тепа/мава/гребе/ дури и гризе други деца. Тоа кое има посебно место на тепихот, а понекогаш седи на столица наместо на тепих. Детето кое се прекачува преку оградата иако му е кажано да застане. Детето кое намерно го истура млекото кога е гневно. Тоа е детето кое пред сите на час по физичко користи пцовки.

Вие сте загрижени дека ТОА дете му пречи на Вашето дете во процесот на учење и му го влече вниманието. Загрижени сте дека мене ми одзема голем дел од времето и на тој начин Вашето дете нема да го добие својот дел што му следува. Се плашите дека ќе повреди вистински некого еден ден. Загрижени сте дека тој што ќе биде повреден ќе биде Вашето дете.

Се плашите дека Вашето дете ќе почне да се служи со агресија за да го добие тоа што го сака.

Се плашите дека ќе почне да заостанува со материјалот, бидејќи јас можеби нема да забележам дека се бори да го задржи моливот во рака. Знам.

Вашето дете, оваа година, во училницата не е ТОА дете. Вашето дете не е совршено, но генерално следи правила. Способно е да дели играчки на мирен начин. Ја крева раката кога сака да зборува. Не фрла мебел. Работи кога е време за работа, а игра кога е време за игра. Може да му се верува дека кога ќе побра дозвола за тоалет ќе оди дирекно таму и ќе се врати веднаш во училница назад. 

Знам, и јас сум загрижена исто така.

Знаете, јас се грижам цело време. За СИТЕ нив. Се грижам за Вашето дете да научи да држи молив, друго дете да почне да зборува, а тоа малечкото таму да го изеде цел оброк. Се грижам дека јакната на едно од нив не го грее доволно, се грижам дека таткото на друго девојче вика постојано кога буквата Б ќе ја напише наопаку. Голем дел од времето кога возам и додека се туширам е исполнето со грижи.

Но, знам, вие сакате да зборуваме за ТОА дете. Бидејќи проблемите како пишување збор наопаку нема да го повредат физички вашето дете. И јас сакам да зборувам за ТОА дете, исто така, но имам многу работи да ви кажам.

Сакам да ви кажам дека ТОА дете беше посвоено кога имаше 18 месеци.

Сакам да ви кажам дека е на посебна диета заради можни алергии на храна и затоа е гладно. ЦЕЛО ВРЕМЕ!

Сакам да ви кажам дека неговите родители се во средина на пеколен развод и ТОА дете живее со баба му.

Сакам да ви кажам дека се грижам оти неговата баба има проблем со пиењето.

Сакам да ви кажам дека лековите кои ги прима го прават да биде анксиозно.

Сакам да ви кажам дека мајката на ТОА дете е самохрана и дека детето е во училиште уште пред да се отвори вратата, до самиот момент на затворање, кога е темно. ТОА дете има 40 мин пат до дома и спие многу помалку отколку голем дел од возрасните.

Сакам да ви кажам дека ТОА дете било сведок на домашно насилство.

Во ред, велите вие. Разбирате дека не можам да споделам лични семејни информации. Вие само сакате да знаете што ЈАС ПРАВАМ во врска со однесувањето на ТОА дете.

Навистина би сакала да ви кажам, но не можам.

Не можам да ви кажам дека ТОА дете мора да посетува часови за говор, дека испитувањата покажале забавен говор и дека терапевтот смета оти агресијата е поврзана со фрустрација заради неможноста за комуникација.

Не можам да Ви кажам дека се сретнувам со родителите секоја недела и дека двајцата најчесто плачат на состаноците.

Не можам да Ви кажам дека јас и ТОА дете имаме таен сигнал со рацете кога сака да поседи малку само.

Не можам да Ви кажам дека за време на одморот, ТОА дете сака да седи во мојот скут и да се гушка бидејќи така се чувствува убаво, кога го слуша моето срце.

Не можам да Ви кажам колку пати сум ги молела моите колеги да внимаваат на него додека ме нема, а токму тогаш ТОА дете ќе удри некого во стомак пред сите учители.

Не можам да Ви кажам дека неговата обврска во училница е да ги наводнува растенијата и дека плаче на цел глас ако некое се исуши. Не можам дури ни да ви ги кажам добрите работи.

Не можам да Ви кажам дека секое утро кога се поздравува со помалата сестричка бебенце и вели; „Ти си моето сонце“, момент пред мајка му да почне да ја турка количката.

Не можам да Ви кажам дека ТОА дете знае повеќе за грмотевиците од кој било метеоролог.

Не можам да Ви кажам дека кога плаче некое другарче од градника, ТОА дете трча со омилената играчка до него, за да го утеши.

Работата е во тоа што, драги родители, вие мислите дека јас треба да зборувам само за ВАШЕТО дете.

Затоа сакам да ви го кажам следново:

Ако некогаш во некој момент ВАШЕТО дете или кое било од вашите деца стане ТОА дете…

Јас нема да ги споделувам вашите лични семејни работи на другите родители во училницата.

Ќе коминицирам со вас постојано и љубезно.

Ќе се ангажирам вашето дете да добие грижа од најдобрите специјалисти.

Ќе се погрижам вашето дете да добие дополнителна љубов и грижа додека е тука.

Јас ќе бидам гласот на вашето дете во училишната заедница.

И кога ќе дојде друг родител кај мене со грижи за ВАШЕТО дете…

Јас ќе му го кажам повторно сето ова.

Со многу љубов,

Учителката.

Извор: Huffpost.com