Добро утро Скопје, ми недостигаше

0

Скопје е најубаво во седум часот наутро. Без разлика дали има сонце, магла или дожд како денеска. Смиреноста му го дава вистинското лице на градот, она кое го забораваме кога целиот свет ќе се разбуди, кога ќе се раздвижи и ќе стане премногу бучен, како и секој друг град.

Но, јас уживам кога чекорам по неговите улици наутро во седум. Кога сите некако сме се уште обземени од сонот и не сакаме да се лутиме уште по сабајле. Возачите во сообраќајот се посмирени, пешаците повнимателни, велосипедистите исто така, па дури и колпортерите уживаат утринава.

Влегувам во автомобилот и тргнувам ама денеска некако не ми се вози, ми се шета по празните улици на градот. Сакам да се потсетиме на заедничкото минато, да ја обновиме врската која одамна сме ја заборавиле, за која мислев дека не постои. Но таа тука била, жива и чекала да излезе од некоја страна.

Ах, моето Скопје. Без разлика на неговиите маани, го сакам. Го обожавам градот кој ме израсна, ги сакам спомените кои ми ги освежи денеска и ме врати назад во времето. Не можеш да не го сакаш, тоа е исто како на својот родител или дете да му ги гледаш само лузните на лицето. А лузните ги чисти времето.

Седам и размислувам за мојот град додека семафорот покажува црвено светло, за неговите улици и паркови, за новите приказни кои допрва доаѓаат, за некои други деца кои се надевам ќе бидат на моето место и ќе имаат иста доза на емоции.

Мојот град ќе раскажува уште приказни, ќе ниже настани кои ќе не врзуваат сите нас кои се родивме, пораснавме и останавме во нашето Скопје.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот..