Денот нека биде Ваш, не само заради тоа што сте жени, туку заради тоа што сте успешни, единствени и поинакви

0

Меѓунарoдниот ден на жената, 8-ми Март е датум кој направил пресврт во светската историја. Ова е празник кој ги означува економските, општествените, но и политичките достигнувања на жените низ светот.

Голем дел не биле вработени, оние пак кои што работеле, го правеле тоа за ниска плата и многу лоши услови, обично во текстилната индустрија, производството или пак како куќни помошнички.

Првите протести за правата на жените се случиле на 8 март 1857 година во Њујорк, каде што жените протестирале заради лошите услови на работа. По јавните демонстрации во Америка, движењето почнува да се проширува и во Европа. Првата Меѓународна женска конференција е одржана во Копенхаген во 1910 година, а била организирана од Социјалистичата Интернационала.

Повелбата на Обединетите нации, потпишана во 1945 година е првиот Меѓународен договор за афирмација на принципот на еднаквост меѓу мажите и жените. Оттогаш, се создава историско наследство на меѓународното договорените стратегии, стандарди, програми и цели за унапредување на статусот на жените во светот. Во 1977 година, Генералното собрание на ОН носи одлука 8 март да биде прогласен за Меѓународен ден за правата на жените и за мир.

Драги дами, да не заборавиме на борбата на жените од минатиот век, со секое подарено цвеќе или парфем денеска, кога ќе кажеме „Благодарам“ тоа да биде за нив, за жените кои ја ја направиле промената. Ние сме должни да направиме се таа да продолжи да живее и да се развива.

Роза Луксембург и Kлара Цеткин се жените чии имиња се впишани во историјата, Да не беа тие и нивните следбенички, денеска многу работи ќе беа различни за сите нас.

Во нивна чест и во чест на 8-ми Март, завршуваме со неколку нивни изјави, кои остануваат да „ѕвонат“ низ годините како потсетник на борбата која трае и денес:

КЛАРА ЦЕТКИН

Во согласност со класносвесните политички и синдикални организации на пролетеријатот во секоја земја, социјалистките во сите земји ќе организираат Ден на жените секоја година. Пред сè, Денот на жените ќе има цел за постигнување универзално право на глас за жените. Ова барање ќе биде на линија со социјалистичкото разбирање на целото прашање за правата на жените. Денот на жените ќе биде меѓународен во својата природа и мора да се подготви беспрекорно.

„Женската пропаганда мора да ги допре сите прашања што се од големо значење за општото пролетерско движење. Главната задача е, всушност, да ја разбуди женската класна свест и да ги инкорпорира во класната борба“.

„Она што го направи женскиот труд особено атрактивен за капиталистите не беше само неговата пониска цена, туку и поголема подложност на жените“.

„Кога мажите молчат, ние сме должни да ги подигнеме нашите гласови во име на нашите идеали.“

„Овие интереси на работниците, како експлоатирана и угнетена, класа на општество, се исти во сите земји“.

РОЗА ЛУКСЕМБУРГ

„Оние кои не мрдаат не ги забележуваат своите окови.“

Најреволуционерното нешто што некој може да го направи е гласно да говори за она што се случува

“Слободата е секогаш исклучиво слобода за оној кој мисли поинаку”

„Слободата на жената е знак за социјална слобода“

„Слободата која ја има владата и членовите на нејзината партија, иако тие се многу побројни – воопшто не е слобода“.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот