Денеска подарете мартинка за здравје!

0

Знаете што е среќа? Кога утрото ќе ви започне со дружба со мали дечиња кои продаваат рачно изработени мартинки, кои секако сами ги направиле.

Ви приоѓаат со зборовите:

„Добро утро, сакате ли да купите мартинка“?

Вие се насмевнувате, им велите секако и купувате неколку мартинки кои сакате да ги подарите.

Тие среќни и весели, ви се заблагодаруваат и трчаат до следниот минувач кој ќе сака да им помогне во акцијата – продажба на мартинки за овој први март.

Но, што се мартинки, кое е нивното значење, зошто тие се прават и се подаруваат?

Мартинката е висулец од засукани конци кои се ставаат на 1 март за здравје. Се изработуваат од волнено или памучно предиво во 2 основни бои — бела и црвена.

Во минатото, традицијата била на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци. Затоа со мартинката се кити котлето, во кое се дои првото млеко на Ѓурѓовден, со мартинка се заврзуваат билките од Иванден.

Според древната митологија, мартинките потекнуваат од Македонците во чест на божицата Ксантија. Во македонската митологија Ксантија била божица на цвеќињата, во која бил вљубен богот Македон. Кога злите сили ја претвориле во цвет, тој секоја пролет ја барал саканата низ ливадите и полињата и во цветните градини. Во чест на оваа необична и несреќна љубов, Македонците првиот пролетен месец го нарекле Ксант и на првиот ден од месецот Ксант ставале испреплетени бели и црвени конци на рацете во чест на прекрасната божица.

Мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен. Ако после еден месец под каменот има мравки, годината ќе биде береќетна.

Понекогаш мартинката се пушта во најблиската река “за да оди, како тече реката”. Традицијата вели уште дека среќа носи таа мартинка која ти е подарена. Овој празник уште се нарекува и празник на “Баба Марта”.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот