Денеска најстудено во Берово, измерени -18 степени

0

Најстудено во Македонија изутринава е во Берово, каде што се измерени – 18 степени, во Скопје-Петровец и Крива Паланка -15, а во Куманово, Маврово и Крушево -14 степени. Во Ѓуриште се измерени -13, во Лазарополе и Пожаране -12 а во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Виница -11 степени. Во Гевгелија се измерени -5 степени,  минус седум во Битола,  минус осум во Прилеп, Дебар, Претор, Охрид, Струмица, Демир Капија, и -10 во Штип.

Најмногу снег, пак, има во Маврово, каде висината на снежната покривка изнесува 87 сантиметри, во Лазарополе 79, во Крушево 58 и во Пожаране се измерени 50 сантиметри.

Поради студениот бран, Комисијата за превенција од штетни ефекти од студени бранови при Министерството за здравство препорача да се ослободат од работа бремените жени и лицата над 60 години.

За оние работници кои работат на отворено се препорачува реогранзиација на работното време од 10 до 16 часот, со повремени паузи по половина час во топли простории на секои два часа.

УХМР информира дека времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди и со слаб до умерен јужен ветер.

Во вечерните и ноќните часови почнувајќи од запад ќе има врнежи од снег, кои во втората половина на ноќта на некои пониски места ќе поминуваат во дожд, а локално ќе има и појава на замрзнат дожд.

Утре ќе биде облачно со врнежи кои уште во текот на претпладнето на повеќе места ќе поминуваат во дожд, а попладне ќе бидат од дожд насекаде низ земјава, но ќе слабеат по интензитет. За време на викендот ќе настапи значително затоплување што ќе услови нагло топење на снежната покривка. Во сабота преку денот ќе биде главно суво, но во текот на ноќта кон недела и во недела наутро повторно ќе има врнежи претежно од дожд.

Извор: mia.mk

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.