Децата се огледало на своите родители

0

Од сите видови образувања најважно е домашното

Децата се раѓаат како емпатични суштества кои ги сакаат и разбираат луѓето околу нив. Тие на спонтан начин ја развиваат свесноста за емоциите кај нас и кај другите и имаат природна способност за сакање на другите, додека ние – возрасните ја учиме. Од децата треба многу да се учи. За љубовта и искреноста најмногу, за несебичноста, емоциите, егото, како да се радуваме, како да нЕ им судиме на другите.

Детето е емпатично, сочувствува и разбира дека не е во ред на било кој начин да ги повредува другите. Искрено е во своите зборови и своето срце, пред себе и другите. Овие црти најчесто ги бараме од другите луѓе, а детето ги има во себе. Ние сето ова го бараме од него, неверувајќи му дека може и сами настапуваме на сцена, што е сосема погрешно. Возрасните и околината околу нив, друштвата само ги збунуваат.

Често обидувајќи се нешто по секоја цена да поправиме, од рамката ја губиме суштината и нештата ги изнудуваме, расипуваме и форсираме. Им наметнуваме наши ставови, мислења и очекувања, а многу често ги фрустрираме. Ако сакаме детето да научи да препознава и разбира различни видови на емоции, како кај себе така и кај другите треба прво да почнеме со емотивно описменување, интелигенција со срце, доколку сакаме да одгледаме дете кое се почитува себе и другите, своето и туѓото време, тело, личност, простор, работа.

Потребна е доверба и отворена комуникација

Сите зборови кои детето ги научило и ги користи спонтано, ги научило гледајќи не нас и следејќи го нашиот пример на однесување – благодарам, молам, догледање, добар ден. Исто така е и со извинувањето. Колку често ќе не слуша нас дека го користиме, толку и ќе го употребува. Дали сме родители кои се штитиме и се преставуваме како безгрешни пред децата или дозволуваме да покажеме човечност , нашите недостатоци и слабости пред нив? Признавајќи ги грешките пред нив им порачуваме дека е во ред некогаш да се погреши и да се признае тоа.Со глумењето дека сме совршени само им кажуваме дека грешки ни на нив не им се дозволени.Ние сме нивниот основен модел и нивни учители. 

Никој не простува толку брзо како децата.

Додека ние сеуште сме лути од утринската сцена која ни ја направило детето за некоја секојдневна ситуација, тоа мирно продолжува да не кани на игра, и во ниту еден момент не не осудува и отфрла поради нашите грешки и мани, дури и кога во афект ќе изреагираме неконтролирано.Детето не треба да се принудува да се извинува, бидејќи терајќи го детето да каже извини секој пат кога погрешил, му праќаме порака дека извинувањето е магично решение за се. Ослободете се од стравот дека детето ќе ви остане невоспитано ако веднаш не се извини.

Наместо тоа, фокусирајте се гласно и објективно да ја искоментирате ситуацијата. Овозможете му да ја слушне и другата страна и само да ја процени и оцени својата постапка. Никој не може да научи ако се чувствува загрозено или понижено. Емпатија е суштинско разбирање на туѓите чувства и таа се учи низ запознавање и вербализирање на состојби и емоции, како своите така и на другите.Охрабрете ги децата да размислуваат за своите емоции во дадени ситуации и да обратат внимание на тоа што го направиле,извинете се Вие, покажете загриженост, понудете помош, а на своето дете кажете му дека тоа што го направило не е во ред, дури ако е потребно тргнете го или одведете го дома.Со тоа вашата реакција е искрена и автентична.Децата кои не се принудуваат да се извинуваат за секоја постапка со родителите имаат взаемен однос на почитување и доверба , имаат поголема слобода со своите и туѓите емоции, да ги разбираат и почитуваат.Нашата цел како родители е да одгледаме деца кои се добро воспитани, емпатични, искрени а тоа се постигнува со разговор и трпение. 

На децата зборот извини им е празен збор, бидејќи на нив во природата им е да простуваат безусловно.

Значи извинувајте се секогаш кога ќе му погрешите нешто на Вашето дете. Градете доверба , водена од свои примери , а во исто време создатете јасни граници кои не се менуваат.

Децата сакаат слобода и време за играње. Дајте им!

Дефектолог: Татјана Багеска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот