Дали вашите деца се подготвени да се соочат со предизвиците на модерната технологија на 21- от век ?

0

Дефектологот Маја Невчевска – Станкоска советува како родителите да се справат со најголемиот проблем во 21 век – влијанието на технологијата во детскиот живот и развој. 

Се сеќавате на старите добри денови кога растевме?
Сега тоа е еден убав спомен на кој се навраќаме одвреме навреме со цел да ги разбереме денешните деца и нивните проблеми.

Пред само 20 години, ние бевме дел од генерациите кои детството го поминуваа надвор од своите домови. Игравме надвор по цел ден. Возевме велосипеди, игравме ластик, камај, серва, фудбал, граница, штркот бира боја, иде маца покрај тебе, криенка, јанино, долга магарица, грабни стапче, џамлија и слично.

Генерации на мајстори за имагинарни игри. Интересно било правење сендвичи од кал со листови и играње сендвичари, пазари, фризерници. Децата креирале свои видови игри кои воошто не чинеле многу, игри кои не барале ниту родителски надзор.
Децата од минатото како да исчезнаа, а нивниот сензорен свет кој беше многу едноставен и заснован на природата, исто така го снемува.

Во минатото, времето кое семејството го поминувало заедно, се состоело од давање задолженија на децата, а тие имале очекувања кои треба да се исполнат секојдневно. Трпезариската маса беше централно место каде семејството се собира заедно и разговара за тековниот ден додека се вечера, а потоа масата станува работна маса каде се пишуваа домашните задачи.

Денешните семејства се сосема различни. Влијанието на технологијата врз семејствата како да ја скрши веќе постоечката основа и предизвикува распаѓање на основните вредности кои и ги држеа семејствата заедно. Со механичкиот круг на училиште, работа, дома и општествените настани, родителите се потпираат на модерната технологија, информации кои ги нуди, со цел своите животи да ги направат поинтересни и поефикасни.

Технологијата задолжена за забава на човекот (ТВ, видео игри, интернет, I-pads, мобилни телефони) напреднува толку брзо, со што веќе семејствата не го забележуваат тоа влијание врз нив како и промените во семејната структура и начинот на живот.

Бројни истражувања покажуваат на тоа дека децата секој ден поминуваат по 7,5 часа со модерната технологија која нуди забава, исто така речиси во секов втор дом освен во дневната соба, телевизори има и во спланата, но и во детските соби. Така и трпезариската маса и сите активности се заменети со модерната технологија.

Децата сега се потпираат на модерната технологија за поголемиот дел од нивната игра, тоа значи грубо ограничување и губење на предизвиците за нивната креативност и имагинација, како и ограничување на потребните предизвици за нивните тела, односно да се постигне оптимален сензорен и моторен развој. Седечките тела кои се секојдневно бомбардирани со хаотични сензорни стимулации, резултира со доцнење во постигнувањето на правилниот развој кај децата, како и негативно влијание врз основните веќе создадени вештини на децата кои не ретко завршуваат со целосна регресија.

Нашите веќе компјутеризирани деца, кога тргнуваат во училиште се соочуваат со се поголеми потешкотии, тие се борат сами со себе за да постигнат одредено внимание, концентрација, истрајност, упорност со цел да научат нови вештини за на крајот тоа да стане значаен проблем пред се за детето, останатите ученици како и наставниците.

Кое е влијанието на модерната технологија врз развојот на детето?

Детскиот развој во однос на сензорниот и моторниот систем како и биолошкото поврзување, не еволуирале доволно со цел да се приспособат на овој седечки начин поради избезумената и хаотична природа на денешната технологија.

Влијанието на брзо напреднатата технологија врз развојот на детето, бележи големи нарушувања во однос на физичкиот, психичкиот развој како и однесувањето на детето. Последиците на сите овие нарушувања се согледуваат во здравствениот и образовниот систем, односно дебелината и дијабетисот се веќе национални епидемии во Канада и САД. Дијагнози на АДХД, аутизам и аутистичен спектар на нарушувања, доцнење во развојот, неразбирлив говор, тешкотии во учењето, нарушувања во обработката на сензорните информации и стимулации, анксиозност, депресија и нарушувања во спиењето се поврзани со прекумерна употреба на модерната технологија и за жал овој тренд се зголемува со алармантна стапка и кај нас.
Имајќи ги сите овие последици на ум, потребно е да се согледаат ризик факторите и да се создаде ефикасна стратегија за намалување на прекумерната употреба на технологијата.

Што е потрeбно ?

Потребни се 4 основни фактори за да се постигне здрав развој на едно дете, а тоа се: движење, допир, интеракции со луѓе како и изложеност во природа.

Овие типови на сензорни влезови ќе обезбедат типичен здрав развој на детето, правилно држење на телото, билатерална координација, оптимални возбудливи состојби и само-регулација неопходни за постигнување на елементарни вештини потребни за евентуално тргнување на училиште.

Малите деца имаат потреба од 2-3 часа дневно на активни „груби“ и игри на брканици и „безредие“ со цел да се постигне соодветна сензорна стимулација на нивниот вестибуларен, проприорецептивен и тактилен систем. Тактилна стимулација се добива преку допирање, гушкање, кои се од суштинско значење за развој на праксијата и волевите движења на децата. Допирот исто така го активира парасимпатичниот систем за намалување на хормонот кортизол, адреналинот со што се намалува и анксиозната состојба на детето.

Природата и „зелениот простор“ не само што има смирувачко влијание врз децата, но исто така го помага вниманието и учењето.

Се смета дека вестибуларниот, проприорецептивниот, тактилниот како и останатите поврзани системи, визуелните и аудитивните се постојано оптоварени поради бројните стимулации кои детето ги прима, а не може да ги исканализира.
Оваа сензорна нерамнотежа создава огромни проблеми во целокупниот невролошки развој, во однос на анатомијата на мозокот, био-хемиските процеси, се додека мозокот остане трајно променет и оштетен.

Малите деца кои се изложени на насилство преку телевизија и видео игри во висока состојба на адреналин и стрес, како што телото не знае дека тоа што го гледа не е реално.

Кај децата кои ја злоупотребуваат модерната технологија, со прекумерно гледање и користење се забележуваат одредени сензации на телото односно тресење, збрзано дишење, тахикардија како и анксиозна состојба. Оваа состојба се нарекува хипервигалентен сензорен систем, кој што е „во состојба на готовност“ за следен напад.

Се уште не се познати последиците од оваа состојба, но познато е дека кај возрасниот хроничниот стрес го ослабува имунолошкиот систем и резултира со сериозни болести и нарушувања.

Имајќи ги сите овие познавања и последиците од негативното влијание на модерната технологија, најважно е да се здружат родителите со наставниците и дефектолозите, логопедите со цел да се подигне свеста во општеството и да се спречат катастрофалните последици од технологијата, која има влијание врз физичкото, менталното здравје на детето како и проблеми во однесувањето, способноста да учат и да се одржуваат личните семејни односи. Додека технологијата е воз со кој постојано ќе се движиме напред, потребно е знаењето и свест за штетните ефекти, како и превземање на активности кон балансирање на употребата на модерната технологија, со што ќе бидат насоки за правилен и здрав развој на нашите деца.

Никој не може да ги одрече придобивките од модерната технологија во денешниот свет, поврзувањето со овие уреди, може да ги прекине врските со најважниот дел од општеството, а тоа се децата.

Наместо гушкање, играње, разговор со децата, родителите се повеќе се трудат на децата да им обезбедат видео игри, таблети, телевизори и мобилни телефони, создавајќи длабок и иреверзибилен јаз помеѓу детето и родителот.

Автор: Дефектолог Маја Невчевска – Станкоска

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот