Дали навистина ни требаат скапи шампони?

0

Секој ден нè бомбардираат со голем број реклами во кои произведувачите на шампони ветуваат неверојатна бујност, засилен раст на косата, поздрав изглед… Но, дали косата може да се нахрани „однадвор”? Дали вреди да се даваат пари на трипати поскапи шампони во надеж дека тие навистина ќе променат нешто? Козметичките компании секако сакаат да веруваме во тоа.

Најчесто во рекламите се зборува за најразличните хранливи состојки кои се содржат во шампоните. Со текот на времето стекнуваме впечаток дека ни се потребни илјадници такви производи за косата да ни остане здрава и убава. Меѓутоа вистината е малку поинаква. Овие производи и не се од толку голема помош. Тие можат да ѝ помогнат на косата да стане бујна така што ќе го „набабрат” површинскиот слој на влакното, но тоа е само привремено.

Производите за нега на косата не можат да го подобрат нејзиниот раст затоа што влакната на главата не се живи. Можете да ставате колку сакате препарати на врвовите на косата, но тоа нема многу да ви помогне. Може да ви користат оние препарати кои ги нанесувате на кожата на главата, но под услов да успеат да навлезат околу половина сантиметар во длабочина за да може да делуваат на коренот на влакното.

Значи, хранливите материи не треба да се нанесуваат однадвор, туку со правилна исхрана да се внесуваат однатре. За поубава коса нутриционистите препорачуваат зголемен внес на продукти кои се богати со железо, а советуваат и паралелно да се конзумира свежо цеден сок од портокал кој е богат со витамин Ц.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар