Дали и колку стана скапо нашето време за пријателите?

0

Не знам колку е правилно да почнам со “во мое време“, оти по се изгледа не било тоа мое време, туку на моите родители…Се сеќавам на некое детство полно смеа, дружба, родители, пријатели, скари на Треска, бесни деца, заиграни и тука таму по некое куче. Распослани на ливада, друштвенце од петнаесетина луѓе, седнати на кој кај стигнал чергиче, делат храна, се зезаат и се смеат.

Така бар јас пораснав. Со моите, со нивните пријатели, со нивните деца. Сега, години подоцна, не можам да проценам дали биле вистински пријатели или само другари за дружба, ама па и дали е важно, кога и после дваесетина години се на што се сеќавам е на куп насмеани луѓе.

Се дружеа они, се дружевме и ние, остареа они, се разделивме ние. Остана по некој да се поздравиш ако случајно го сретнеш, па да смените по збор два…Ама не е исто, ништо не е ни слично. Не те гледаат како да ти се радуваат, не те слушаат кога зборуваш, не ти го памтат бројот.

Дојдоа некои други времиња.. Сега немаме време едни за други. Не е како порано, немаме ние викенд за трошење со некои таму што си решиле дека сакаат да си позборат. Станавме другари по потреба. Ќе се видиме кога ЈАС ќе имам време, кога ЈАС ќе сакам да кажам нешто, кога ЈАС ќе одлучам. Арно ама ЈАС никогаш не бил множина.. Нема ни да биде.

 

Затоа, полека малку. Времето тече, луѓето одат, заминуваат. А се што заминува остава трага и спомени.

Не правете спомени од луѓето, правете спомени со нив!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

 

Остави коментар