Дали е себично да имате само едно дете?

0

Сè поголем број родители последниве години решаваат да имаат само едно дете, наместо две или дури и три. Понекогаш нивните причини се разумни, понекогаш многу лични, понекогаш дури и погрешни (според туѓите стандарди). Но, дали е себично да имате само едно дете?

Велат, ако детето остане само, тогаш ќе расте поинаку од децата кои растат со братче или со сестриче. Овие деца често знаат да ги прашаат родителите кога ќе добијат бебе со кое ќе си играат, кое ќе го заштитуваат и за кое ќе се грижат. Дури и околината знае да им ги постави на родителите овие прашања. Но, факт е дека само родителите се тие што можат да решат дали ќе останат на едно дете или на овој свет ќе донесат уште едно (или повеќе).

Кога првото дете ќе потпорасне, тие почнуваат да размислуваат дали и кога би можеле да имаат второ дете. Едно од главните прашања е дали детето, ако остане единец, ќе стане разгалено, љубоморно, себично, да не сака да дели ништо со своите врсници, да не знае како да се постави во ситуација кога некој ќе му понуди љубов бидејќи не ја почувствувало од братче или сестра, туку само од родителите. Овие деца, кога ќе пораснат, често не знаат ни да ја покажат љубовта, се чувствуваат како заробени во нивниот сопствен свет.

Испитувањата покажале дека во Англија 46% од семејствата имаат само по едно дете, во Шпанија и Португалија таа бројка е 30%, а оваа бројка расте и во САД и во моментов се движи помеѓу 22% и 30% зависно од големината на градовите. И во Македонија оваа бројка е голема и постојано расте.

Многу жени решаваат да родат само едно дете за да напредуваат во кариерата, или заради кариерата го одложуваат мајчинството за подоцна во животот, па се чувствуваат престари за да родат две деца.

Дали е себично да се има само едно дете? Или реално? Кого и да прашате, ќе добиете различно мислење, а тоа зависи од генерацијата, од нивната семејна состојба, од желбите за иднина. Повеќето, барем постарите, ќе ве осудат ако имате само едно дете.

Да се работи и да се има семејство во исто време е стресно. Дали прави разлика едно или две деца? Сигурно. Дали е себично да не му родите брат или сестриче на вашето дете? Можеби. Но, на крајот на денот тоа е ваша и само ваша одлука. Не дозволувајте околината да влијае на вас.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот