Да научиме нешто од децата

0

На нас, возрасните ни е должност да им помогнеме на дечињата да го осознаат и запознаат светот во кој доаѓаат. Родителската задача е постојано да го подучува своето дете и тоа е “работа“ за  целиот живот. Но, некогаш е убаво да застанеме на другата страна и да се обидеме да научиме нешто од нив. Затоа што, од нив и има многу што да се научи.

Вриснете

Децата често знаат да вриснат на цел глас. Некогаш тоа е низ плач, некогаш едноставно низ игра. После кратко време се враќаат на својата игра како ништо да не се случило. Признајте дека и вам би ви дошло добро да можете да вриснете во моменти на стрес, нервоза или напорен работен ден.

Почнете го денот рано, со насмевка

Сите знаеме дека дечињата се будат рано (дури и за викенди, кога вие баш би сакале да поспиете). Тие се расположени во текот на денот, без разлика колку рано се пробудиле. Обидете се и вие, без поместување на алармот неколку пати, да станете веднаш од кревет и да го почнете денот порано. Ќе се изненадите колку обврски можете да завршите рано наутро.

Во ред е да се плаче

Во животот, често ни се случува да се почувствуваме тажни или повредени. Бидејќи сме возрасни, се затвараме во себе, потиснувајќи ги сите емоции. Сосема погрешно! Погледнете ги децата. Тие кога се тажни плачат, но штом ќе ги прегрнеме и бакнеме, тие се смируваат и за кратко забораваат зошто биле тажни. Да бидеме искрени и нам одлично би ни дошла нечија прегратка кога сме тажни. Затоа, заплачете. Можеби тоа нема да ги реши вашите проблеми, но секако ќе помогне да се почувствувате полесно.

Смејте се

Сигурно ви се случило на улица да се разминете со некое детенце и тоа да ве погледне и да се насмевне и вие да се расположите во истиот момент. Нели е добро да го направите и вие истото и да му го разубавте денот некому сосема случајно?

Јадете слатки без грижа на совест

Не велиме дека треба да се претерува, но јадењето слатки за многумина е чисто задоволство. Јадете и уживајте исто како што прават децата. Тие сигурно немаат грижа на совест откако ќе изедат парче торта.

Истражувајте без страв од непознатото

Дечињата постојано нешто истражуваат. Сигурно ви се случило да ви дојдат деца на гости и прво што ќе направат е да ги отворат сите ваши ормари, да се качат на шанкот, да направат колут напред на средина на собата. Тие се сопнуваат, паѓаат и повторно стануваат. Но, не се плашат. Замете го ова во предвид во иднина кога ќе треба да донесете некоја одлука. Доколку не се обидете, нема да дознаете.

Покажете страст кон она што го сакате

Децата кога сакаат нешто, се обидуваат на секој можен начин да го добијат. Можеби ќе молат или плачат, но нема да се откажат. Доволно мотивирачки за да не се откажете од она што го посакувате или сте го наумиле, нели?