Да го развееме Бајракот високо!

0

Кога ќе се спомене терминиот Бајрак, веднаш ни асоцира на она знаме кое што во дамнешните времиња се веело на македонските свадби. Во денешно време тоа е голема реткост. Последната свадба на која што сум била и имало Бајрак беше пред цели 13 години кај братучед ми. Но, како поминува времето се повеќе се става на значење на модерните обичаи од западните култури, отколку на она што е наша култура и традиција.

Што е всушност Бајракот и за што служел? Бајрак (Bayrak) – турски термин кој значи Знаме.

14797454_1696275674021650_1042403161_n

 

За македонскиот Бајрак постои стара македонска народна песна, која што според Мијакот Мажовски од Лазарополе (1852-1922) потекнува од античка Македонија и била посветена на Војводите на Александар Македонски.

“Застоjaл ми се воjвода,
Над големи град Солуна,
До него стоjaт два брата,
Два брата, два баjрактара
Високо баjрак држеје.
Тихиoт ветeр вееше,
Широко знаме ширеше,
Широка сенка држеше.
Све Солун града покрило,
И солунските чаршии,
В чаршии има седлари
И е млади златари,
Седлари седла правеjе,
Златари јузди лееје,
За тиа силни ајгри,
На македонските војводи.

Античка македонска песна, запишана од ИСАЙЯ МАЖОВСКИ „Възпоминания”, София, 1922 г., 20 стр.

Според Мажовски, македонскиот бајрак бил забранет да се користи за време на османлиското владеење на овие простори. Но бајракот останал да се употребува во градската средина во градот Костур до втората деценија на 19-ти век, кога тој официјално бил забранет.

Бајракот можеби бил забранет, но никогаш не бил комплетно исфрлен од употреба за време на отоманската империја, не посебно од Мијаците и Брсјаците за кои Кадијата Емил Хаџи (така се викал) му јавил на царот дека во царштината се уште има племиња за кои царот не знае. А царот, некој многу умен човек, наредил да се изврши попис и со главешината на племето да се склучи договор. А во него стои: Мијаците и Брсјаците да ја признаат неговата власт, да пришијат на својот бајрак полумесечина, а царот ќе ги остави да живеат во мир. Така и било, се раскажува во приказната што ја забележал д-р Тома Смилјаниќ Брадина (во ракопис) која се чува во МАНУ. Брадина е роден во Тресонче на 13.06.1888 г.

Бајракот е симбол на држава или народ. Најчесто се употребува во војска. Под него обично се полага заклетва, па затоа и носителот, во случај на војна не смее да падне во непријателски раце. Во војна, тој е знак за зборно место.

Елате под бајракот на “Автономна Македонија”! Македонија е заедничка наша мајка и повикува за помош. Елате да ги скршиме синџирите на ропството, да се куртулиме од маки и страданија. Ние веќе го дигнавме тој Бајрак и нема враќање…  – Така се повикувал народот во минатото за да тргне во војна.

За време на отоманското владеење на овие простори бајракот како да го имал загубено своето значење, па од племенска борбеност, станал белег на родот.

Мијаците ушто во дамнешно време, секогаш настојувале да ги задржат карактеристиките по кои ќе бидат препознатливи.

Тие отсекогаш се гордееле со своето име оригинално и самостојно, и со својот вроден интелект и мудрост да знае да ги чува придобивките, а со тоа да ги штити интересите на своето племе.

Бајракот кај Мијаците е голем и поставен на прат наречен сорок, долг повеќе од три метри. На врвот од овој прат има изрезбарен дрвен крст. Бајракот е поставен од крстот надолу до дрвеното јаболко кое е некаде во средината на пратот и не дозволува да се лизга.

Бајракот е сошиен од три долги платна: горното и долното се црвени, а средното бело. Платната завршуваат клинесто на чии врвови има кончени китки од иста боја.

На горното црвено платно има навезено: крст, како оној на врвот од пратот, двоглав орел, полумесечина и змеј. Двоглавиот орел е остаток од богомилските времиња и Византија, змејот е заштитник на сточарите, полумесечината со ѕвезда е илирски симбол, а лавот земски симбол на Македонија баш онака како што се споменува во делото на Брадина.

%d0%b1%d0%b0%d1%98%d1%80%d0%b0%d0%ba
Крстатиот бајрак е всушност знамето на сите Мијаци.

 

Во центарот околу крстот пишува ИС-ХР/НИ-КА, односно Исус Христос Победник, наведуваат археолозите и вексилилозите (истражувачи на знамињата). 

Крстатиот бајрак на 12 јули 1995 година (Петровден) за првпат по неколкудецениско отсуство беше извадено пред македонската јавност во Тресонче кога се одбележуваа 150 години од изградбата на главниот селски црковен храм “Свети Петар и Павле”.  

Бајракот не се произведувал сериски и неговата изработка и сите детали на него ја опишувале моќта на домаќинот што го нарачувал. Така побогатите нарачувале Бајрак од ретки платна во тоа време, а на сорокот ставале крстови од резба со сребрени и златни детали.

Белег на родот!  Секое поголемо семејство, род, имало свој бајрак. Тој секогаш се чувал кај најстариот во родот. Во Лазорополе имало само неколку бајраци, кај многу познати семејства. Се ваделе само за време на свадби и не само во Лазарополе туку и во другите села од тој крај.
Бајракот го означува почетокот на свадбените обичаи во мијачката, а со тоа и во лазороската свадба. Свадбите во тоа време траеле 5 повеќе дена. Свадбата ја најавувало поставувањето на накитениот Бајрак на еден агол од куќата на претходно подготвена и закована лепарушка на една греда на стреата.  Ставањето на бајракот е проследено со многу убава песна. Еве ја нејзината содржина:
“Пејет пиле на високи полесок,
будит моме здраво и весело:
„Стани моме да би не станало
по ридови с’лнце огреало. 
По чардаци крстати бајраци,
по дворови китени сватови
по прикледи шарени ковчези
а пред кледи млада зетелина
и во кледи свршена девојка, и-и-и!“

Носител на бајракот за време на целата свадба е исклучиво бајрактарот, кој ги предводел сватовите кога оделе по невестата. По завршувањето на свадбата Бајракот останувал да се вее една недела по завршувањето на свадбените церемонии. А потоа повторно во зората се собирал, здиплувал и оставал да ја чека наредната свадба во семејството.

Во денешно време традиционалните свадби со ваквите обичаи се во изумирање. Единствено може да се сретнат кај традиционалните семејства или пак пред Петровден кога се одржува Мијачката (Галичката) свадба.

14794100_1696275594021658_1341915533_n

14804714_1696275620688322_2011986590_n

 

Во нашиот музеј Македонија може да се најдат два свадбарски Бајрака.

%d1%81%d0%b2%d0%b0%d0%b4%d0%b1%d0%b0%d1%80%d1%81%d0%ba%d0%b8-%d0%b1%d0%b0%d1%98%d1%80%d0%b0%d0%ba

%d0%b1%d0%b0%d1%98%d1%80%d0%b0%d0%ba2

Потекнуваат од Галичник. И на нив се забележуваат животински форми (два волка ловат две јагниња), има човечки фигури со испружени раце кон небото, крстови и полумесечини со ѕвезда.

Пред десетина години во јавноста се откри семеен Бајрак кој претходно бил сочуван во рамките на семејството Пандиловци од Галичник кои се иселеници во Австралија.

%d0%b1%d0%b0%d1%98%d1%80%d0%b0%d0%ba3

Димензиите на бајракот со коњаници се 130 см на 73 см. и се смета дека е стар повеќе од 200 години.  Над коњаниците на латинско писмо, со сини избледени букви, пишува „Усура фамиглиа“ (семејно знаме).

Според археологот Никос Чаусидис од Филозофскиот факултет, кој меѓудругото предава и ликовна семиотика, коњот и коњаникот претставуваат сончеви симболи.
Но, самиот факт што се поставени во дното на бајракот упатува на заклучок дека тие се застапници на земното. Можно е да се работи за постара космолошка шема, претстава на светот, која со време добила некои нови, поинакви значења“ – оценува професорот.

Според нашата историчарката на уметноста Снежана Филипова, всушност, ликовната претстава на војник, односно јавач на коњ, е многу стара и ја има во многу цивилизации.
Според неа: “Коњаници завртени еден кон друг, како во овој случај, се среќаваат и во времето на Богомилите. Во западната иконографија, пак, војниците се основата на државата и затоа биле поставувани во долната зона. Во византиската уметност светите воини се земаат како основа на црквата. Некои биле сликани на столбовите што ја држеле куполата на црквата“.

Овој Бајрак е изработен од лен со вешти раце на некоја жена која што во себе носела голем уметнички талент. Своето мислење за овој Бајрак за “ВЕСТ” го дал и познатиот скопски кројач Ангелковски кој велел: “За вакво знаме да се сошие на рака се потребни неколку месеци“, откако ги разгледал деталите од бајракот. Според него ленот е  материјал  тежок за рачна обработка. Само за да се подготви, ленот требало да остане потопен во вода 21 ден.
– “Долниот дел со триаголниците е засилен со двоен слој платно, за целото знаме слободно да виси надолу. Апликациите се рачно везени. За целиот бајрак била потребна голема метража различен материјал, многу внимание, желба и љубов“.

Од истражувањето кое што го правев наидов до момент дека науката во земјава засега нема единствен одговор кои се коњаниците на оваа вешта жена од овој мијачки бајрак. Велат оти ќе биде потребно да се соберат и документираат сите знамиња, за потоа да се открие некое конкретно значење. Каков и да биде резултатот, сепак оваа жена имала голема имагинација па на едно знаме вкрстила белези значајни за различни цивилизации.

Подготви: Бранкица Б.Анѓелевска
При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, ЗАДОЛЖИТЕЛНО наведете го изворот од кој е преземен текстот.