Д ФЕСТИВАЛ е многу повеќе од само музика!

0

Остануваат уште помалку од три недели до старт на седмиот Д ФЕСТИВАЛ, а досега само во музичката програма на Фестивалот веќе се запишаа повеќе од 40 артисти кои со своите настапи ќе го одбележат годинашното издание на Фестивалот! А сепак, во вистинското значење на фестивалскиот дух и концепт, музиката е најважна, но музиката не е сè!

Како единствено доживување кое на најдобар начин ги промовира позитивните вредности и пораката за слобода, љубов, единство и рамноправност, овој концепт во целост го пренесува единствениот летен open-air фестивал кај нас – Д ФЕСТИВАЛ! Новото фестивалско лето во Дојран ќе се одржи од 14-ти до 16-ти јули со повеќе од 50 музички изведувачи и плејада учесници и специјални гости, собирајќи ги бројните творци и ентузијасти во уникатното креативно здружување!

Д ФЕСТИВАЛ ќе биде домаќин и на повеќе фестивали, здруженија и асоцијации кои се од национална и меѓународна важност за Македонија, кои покрај промоцијата на културата и уметноста, промовираат и толеранција, едукација на младите и претставуваат важен темел во изградбата на системот на вредности во нашето општество. Во оваа заедничка мисија на Д ФЕСТИВАЛ учествуваат стотици уметници, дизајнери, креативни работници, културни здруженија, музичари, активисти, волонтери и добронамерници кои ќе придонесат за единственото и уникатно фестивалско доживување. Овој дел од програмата ќе се одвива во посебно уредените зони, фестивалскиот плоштад на уметноста „ПлоштАРТ“ и „Активниот Саем“ кои ќе бидат епицентар на општествените активности на Д ФЕСТИВАЛ, а во чии рамки посетителите ќе имаат прилика да ги посетат и да земат активно учество во бројните случувања, панел дискусии, филмски проекции, работилници, предавања, рекреативни активности, натпревари, изложби, арт-инсталации, гејминг-зона, мултимедиумски презентации и многу други содржини со кои за време на трите фестивалски дена заедно ќе создадеме своевиден фестивалски град на вредностите кои ги промовира Д Фестивал и место за размена на идеи, мислења, ставови, креативни енергии, дијалог и креирање. Во дополнителната програма на Д ФЕСТИВАЛ веќе го најавивме гостувањето на Патувачкото кино на МакеДокс, а наскоро следуваат и информации за останатите специјални гости во програмата во „ПлоштАРТ“ и Активниот саем на Д ФЕСТИВАЛ, која оваа година е реализирана со поддршка на Цивика мобилитас (Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка – СДЦ, кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и СИПУ.)

ВЛЕЗНИЦИ ПО СУПЕР-ПРОМО ЦЕНА САМО ДО НЕДЕЛА (2-ри јули)!Поради огромниот број на барања од страна на посетителите по распродадените количини во Куманово, Гевгелија, Битола, Кочани, локациите низ Скопје и неможноста истите навремено да се снабдат со нови количини во продолжениот празничен викенд, Д ФЕСТИВАЛ излегува во пресрет на сите свои посетители и акцијата со СУПЕР-ПРОМО цени на all-inclusive билетите ја продолжува за уште неколку дена, односно НАЈДОЦНА ДО НЕДЕЛА (2-ри јули), НА ПОЛНОЌ!Во рамки на оваа акција, тридневните all-inclusive билети, кои овозможуваат пристап до комплетната програма и бесплатен камп за време на трите дена на Д Фестивал, чинат само 600 денари. Покрај тридневните, во продажба се веќе пуштени и еднодневните билети за Д ФЕСТИВАЛ по цена од 300 денари за секој ден, а со кои посетителите имаат пристап до комплетната програма и камп за конкретниот ден. Овие билети за Д Фестивал се продаваат во продажната мрежа на МКтикетс и онлајн.

На Д ФЕСТИВАЛ годинава настапуваат АРХАНГЕЛ, РУДИМЕНТАЛ, РОНИ САЈЗ, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ, КУП ОСКАР ОРКЕСТРА, АЛИ ФАРКА ТУРЕ БЕНД, ТЕРАКАФТ, ЕГОРИТМИЈА, С.А.Р.С., СИНИСТЕР, СТРИНГ ФОРСЕС, ДА ЏАКА НАКОТ, ПРОЏЕКТ РАКИЈА, ТРАП ДА ФАК АП, ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ и уште многу други, а распоредот на музичката програма за трите дена на Фестивалот е објавен на овој линк.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.