Чувството кога ќе го сретнете поранешниот, а изгледате совршено

0

Колку пати сте си ја замислиле првата средба со поранешниот по раскинувањето? Колку пати сте помислиле и на десеттата средба? Сигурно размислувате каде ќе се видите, како ќе бидете облечена, со кого ќе бидете (со кого ќе биде тој), дали ќе си речете нешто или само ќе се одминете…

Овие средби никогаш не се лесни. Посебно не кога ќе се случат брзо по прекинот на врската. Посебно ако врската била интензивна, забавна, а вие заљубена… Овие средби не се лесни дури и да се случат неколку години откога сте раскинале.

Но, знаете ли што може да ги направи лесни? И не само лесни, туку и интересни? Вие. Самата вие и никој друг.

Вратете се наназад и сетете се на некоја таква средба. Ако не сте биле задоволна со себе, сигурно сте се обиделе да го избегнете. И тоа е во ред.

Првото правило за секоја средба со поранешниот што ви го скршил срцето е вие да изгледате совршено. Совршено средена. Совршено насмеана. Совршено среќна. Ако по игра на случајноста покрај вас имате и совршен машки примерок (кого вашиот поранешен не го познава), тогаш можете да си честитате. Сте ја постигнале целта – вие сте совршена.

Замислете си… го сретнувате поранешниот по неколку години. Не знаете каде бил, што правел со кого е, како му е во животот… Всушност, по толку многу години и не ве интересира. Вие изгледате како да сте се симнале од модна писта. Или како да сте тргнале на коктел забава. Тој, па… и не изгледа толку добро – здебелен, оќелавен, како да тргнал до продавница по цигари и пиво.

Покрај вас преубав маж, помлад од него. Покрај него – дете. Застанувате, се поздравувате затоа што културата не ви дозволува да се направите дека не го познавате. И додека му кажувате колку му е слатко детето, го слушате како ви вели дека воопшто не сте сменета. Не е точно – вие сте дури и поубава од тоа што ве памти. Бонус е што вашиот сегашен партнер изгледа добро… многу подобро од поранешниот.

Затоа насмевнете се. Секогаш бидете насмеана! И средена. Не заради поранешниот, не заради околината, туку заради себе. Тоа што тој ќе ве види таква, е само бонус. И му годи на егото.

Епа, денеска можете да наздравите за тоа – за сите поранешни што не ве гледале додека не ве виделе среќна, убава и со друг. Бесценето, нели?

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот