Црвено-бело-дебело…Има нешто посебно во традицијата на фарбање јајца

0

Има нешто посебно во традицијата на фарбање јајца. Станувањето наутро, возбудата кога ќе биде готово првото јајце пред изгрејсонце…

Да бидам искрена, во минатото многу не бев заинтересирана за овој процес. За мене беше важно да се има фарбани јајца и да биде убаво украсена масата.

Јајцата ги фарбаше мојата мајка, ја само се грижев за крајниот ефект.

Но, како што поминуваат годините, така традицијата во мојот живот станува поважна.

Утринава денот ми започна како некогаш, кога бев дете. Со истите зборови, со истата насмевка и љубов. Денеска, мојата мајка дојде да ги чува децата. Додека јас се подготвував за работното место, ги слушнав истите зборови како ги упатува, овојпат до моите деца:

„Добро утро – се измивте лице“?

Тие радосно ја пречекаа, а таа со јајце во рака рече: „Црвено – бело- дебело“…

Поубаво утрото не можеше да започне. Така и треба да биде, да се чува и негува традицијата, да се сака овој ден и сите по него што следат.

А традицијата вели дека денеска е денот кога домаќинките ги вапсуаат првите велигденски јајца, стануваат рано наутро пред изгрејсонце. Првата работа што треба да ја направат е да каснат малку леб, потоа се вртат исток, се прекрстуваат и ги вапсуваат првите три црвени јајца.

Бојата секогаш е црвена, бидејќи тоа ја симболизира Исусовата крв. Велики Четврток е нарекуван уште и чистиот четврток. На овој се одржала Тајната вечера, Христос упатил молитва кон Бог Отецот во Гетсеманската градина и денес настанало предавството на Јуда.

Домаќинки, каде и да сте, нека биде за многу години денов!

Поздрав

Биби!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.