Црквата Св. Никола, заштитен знак на Маврово

0

Во западниот дел на Македонија, на патот Гостивар-Дебар, гордо се протега националниот парк Маврово.

Овој парк зазема површина од 73.088 хектари, а тоа го прави најголем од трите национални паркови во земјава. За национален парк е прогласен далечната 1949 година и тука влегуваат планините Кораб, Дешат, југозападниот дел на Шар Планина, поголемиот дел од Бистра и северните делови на Крчин. Во рамките на овој национален парк има преку 52 планински врвови со надморска висина над 2000м.

Паркот располага со неверојатна флора и фауна. Ова е место каде што растат дури 12 растенија коишто ги нема на ниедно друго место во земјава. Тука има и 140 различни видиви птици, 12 вида влечуги, 38 видови цицачи. Сите тие заедно го сочинуваат уникатниот ендемски живот во паркот.

Во средината на националниот парк, пак, се наоѓа долината на реката Радика и Мавровското Езеро. Освен што плени со својата убавина, а луѓето го избегнуваат за пливање (освен во најтоплите месеци) заради студените води, Мавровското Езеро е познато и по црквата Св. Никола.

Црквата Св. Никола

Оваа црква почнала да се гради 1850 година, а била завршена 1857 година. Изработена била од мермер и гранит, со мермерен олтар и вреден иконостас.

Во 1953 година, со изградбата на хидросистемот „Маврово“ и Мавровското Езеро, црквата била за прв пат потопена, а иконите и другите црковни предмети биле пренесени во малата црква што се наоѓа наспроти потопената.  При потопувањето бил заборавен дрвен иконостас и икони што ги изработил познатиот мијачки зограф, Дичо Зограф, како и книги и други црковни предмети, но тоие подоцна биле извадени и конзервирани.

Црквата била потопена од езерото во 1953 година, но денес кога езерото е со намален капацитет (во летниот период), црквата е на суво и може дури и да се посети.

Таа во минатото била главна селска црква на селото Маврово, а денес, во поголемиот дел од годината е потопена во Мавровското Езеро. Во моментите кога езерото ќе се повлече, а почвата ќе се исуши, таа е вистинска атракција и за локалното население и за странските туристи кои обожаваат да ја посетуваат и да се фотографираат во неа.

Иако во најголемиот дел од годината таа е потопена во водите не езерото, црквата сè уште го има зачувано својот изглед. Надворешноста и камбанаријата постојат, но внатрешноста е скоро целосно руинирана. Дури ни од покривот не е останато скоро ништо.

Денес постои иницијатива за преместување на црквата или да остане на истата локација, со тоа што околу неа би се создала камена или стаклена обвивка која би ја штитела од потонување во текот на зимскиот период кога водостојот на езерото е огромен и ја покрива.

 

Без оглед дали ќе го посетите Маврово овие зимски денови или во лето, црквата Св. Никола сигурно ќе биде вашата прва попатна станица.

Извор и фотографии: интернет

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот