Човекот кој ја опеа Железната Река

0

Македонскиот поет Радован Павловски потекнува од гостиварското село Железна Река. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Живеел и творел во Загреб, Хрватска (1964-1982), во Белград, Србија (1982 – 1985), а во 1985 година се преселил во Скопје.

radovan-pavlovski

Автор е на повеќе од дваесет и пет книги и трудови, од поезија, патеписи па се до политички есеи.  Неговиот богати опус, во кој влегуваат и култните книги „Суша, свадба и селидби“, „Корабија“, „Високо пладне“, „Зрна“, „Молњи“ и „Клучеви“, остави силен печат во развојните процеси на современата македонска литература. За своето творештво, Павловски е добитник на десетина домашни и меѓунарони награди и признанија, меѓу кои најважната е Меѓународниот биографски центар Кембриџ. Посебни поетски книги му се објавени на повеќе јазици: англиски (две), француски, шведски, руски, чешки, романски, турски (три), српски (десет), словенечки и албански јазик. Неговата поезија е застапена во голем број антологии на македонската поезија.

Поезијата на Радован Павловски е специфична во својата метафорика со изграден посебен култ кон сликата, кон природата, кон навраќање на стварниот и имагинарниот амбиент на неговиот роден крај, Железна Река. Многу од неговите песни се посветени токму на Железна Рака, во неговите стихови тој ја оживува убавината на неговото родно место и читајќи ја неговата поезија создавате слика во вашата глава за ова место. Една од неговите најпознати песни за Железна Река е „Младичот што спие на пладне“. Ви ја пренесуваме во целост и уживајте во поезијата на Павловски…

Младичот што спие на пладне

Звукот на смртта

те занесува да спиеш

о младичу

разбуди се

Имаш поле озвучено од билки и мотики

Утинското сонце е голема трпеза

на која орачите го кршат својот леб

Пладнето крие црни конци на ноќта

Ти под себе си закопал камење и месечина

Десет коњаници од заседа

Нежна билка ти ги врзува прстите за земја и не те пушта

сè додека не и доделиш

замрачен бакнеж среде пладне

Од тревата се крева хор на мртвите љубовници

Разбуди се о младичу

Мојот брод граден од винова лоза

со засипнато грло е на море

Има час кога сè е мртво од сон

Има час кога се проучувам дали сум луд

Вечер е

и доаѓаат многу луѓе да те разбудат

Ти ја црташ картата на ѕвездите

и длабоко дишиш

Разбуди се о младичу

и раскажи ни ги соновите

па на убав коњ ќе одјавам до Железна Река

да нè освежи ветерот до водениците

Со ранет цвет ја закопчувам кошулата од ветер

и влегувам дома о љубов

кажи со каков пијалак се служиш во сонот

што не се разбудуваш о младичу.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот

Остави коментар