Чао школо!

0

Се сеќавате на последниот училишен ден кога бевме деца?

Ах, ништо не можеше да го замени тоа чувство на слобода, на игрите без граници надвор, на друштвото кое нè чекаше.

Обично првите денови од распустот беа оние највозбудливите, сите бевме пред зграда, на улица, во нашите, но и во дворовите на соседите. Станувавме во убавите јунски утра, ред појадок, ред утринска програма, ред игра дома и се чекавме сите надвор.

Немавме телефони за да си пишуваме, фиксните се користеа само кога имаше потреба или кога родителите се јавуваа едни кај други да си ги побараат децата да се вратат дома, бидејќи се занеле во играта.

Спонатно се собиравме надвор, еден по еден и целото друштво беше веќе на куп. Се сеќавам дека се црташе со креди во боја на асфалтот, се играше школка, народна, сакате ли војна, грабни стапче…

Кога доаѓаше најжешкиот дел од денот, се прибиравме дома, на пладневно освежување и ручек, а штом заладеше малку – сите надвор.

Дел од летото се разидувавме со другарите бидејќи секој беше со семејството на фамилијарен одмор, меѓутоа едвај чекавме да се вратиме назад и да си ги раскажуваме доживувањата од одморот. За пливачките активности, за децата кои сме ги запознале таму, за новите игри кои сме ги научиле.

Спомените одат и во тинјџерските денови во средно училиште, кога игрите на асфалт веќе не беа интересни, бидејќи сега излегувавме во дискотеки, на забави, на родендени… Тогаш се случуваа и првите одмори на кои одевме сами. Па таму беа првите симпатии, дечковци и девојки. Романтични тинејџерски епизоди под отворено небо на кои се надевавме дека повторно ќе се случат следното лето.

Возбудливи беа летата во минатото, три месеци исполнето со толку многу настани, на кои се уште се сеќаваме.

Денес, новите клинци завршуваат со учебната година, верувам дека се пресреќни и со многу планови за летото.

Една порака: имајте најубаво лето, со помалку Фејсбук и Вибер, а повеќе шетање, случки од животот на кои ќе се навраќате кога ќе бидете возрасни.

Поздрав,

Биби 

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар