Цедена насмевка – Ристо Лазаров

0

Цедена насмевка

Дамата на соседната маса
нарачува сок од цеден портокал.
Ние малку побучно
ги исправаме сите кривини
во светот: од урнисувањето
на Блискиот Исток и
создавањето калифат,
до исмамистичките терористички акции
што ја тресат Европа. И за кризата
со бегалците, и за обидот
за државен удар во Турција.
Мигрена од сонување на јаве,
ја крсти некој нашата состојба.
Од мирот остана само миросувањето
пред новите битки и нобеловците
за мир, ако некои од нив воопшто се тоа.
Светот станува големо ергеле
на разулавени коњи, спрегнати
еден по друг, кајшто галопираат
и отаде апокалипсата. Светот
е и тажна слика на бескрајни колони
бегалци нарамени со големи и мали
гајлиња во бовчите што ги понеле
напуштајќи ги сопствените огништа.
Голем мозаик на ужасот е станат светот.
Пак е на очи Хекторовата смрт
и тагата на Андромаха. Воскреснува
темата на жртвите и саможртвите.
Расте, до невидени размери,
бројот на глинени гулаби.
На нишан се, како елени
во античките митови.
Расте и бројот на надгробни плочи
со неодгатливи звуци.
Дечињата лижат чоколаден сладолед
а нам ни треперат рацете.
Ни треперат и душите напикани
и самите не знаеме каде.
Сеевме цвеќе и босилек,
а никнува, ете, чичек и капина.
Неоти некој го слуша отчукувањето
на големиот часовник на историјата.
Дамата на соседната маса
си го испи сокот од цеден портокал
и минувајќи покрај нашата маса
(чекореше како Мерилин Монро)
како да сакаше да ни каже нешто
ама само ни се насмевна,
најсожалувачки што може.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.