Божиќната симболика на љубовта, простувањето и милосрдието

0

Денес го празнуваме денот на Христовото раѓање според христијанската традиција, вториот најголем празник во христијанството, по Велигден.

Црквите кои го користат грегоријанскиот календар, вклучувајќи ги сите католички, протестантски и повеќето православни цркви, го прославуваат на 25 декември.

Црквите кои го користат јулијанскиот календар, вклучувајќи ја и Македонската православна црква, го прославуваат Божиќ на 7 јануари до 2100 г., а потоа ќе го прославуваат на 8 јануари до 2200 г., па на 9 јануари до 2300 г. итн.

На Бадник целото семејството се собира околу богатата, посна трпеза и се подготвува за прослава на најрадосниот христијански празник. Се верува дека кој ќе остане гладен оваа вечер ќе биде гладен цела година.

Tрадицијата налага обичај да се подготви леб во кој се наоѓа паричка и да кружи околу трпезата од еден на друг член од семејството. Лебот се крши и секој член од семејството добива по едно парче. Се верува дека на личноста во чие парче леб ќе се падне паричката, ќе го следи среќа и успех во целата година.


Што означува бадниковото гранче, божиќната погача и останатите делови од овој празник?

Сите на вратата од својот дом или на семејната трпеза имаат бадниково гранче. Но, дали знаеме од каде потекнува овој обичај?


По бадниковото гранче се оди рано изутрина. Обично тоа треба да го направи машкиот дел од семејството. Гранчето го симболизира дрвцето што овчарите го донеле за пештерата да се загрее за малиот Христос. Според некои верувања, бадниковото гранче го претставува и го навестува дрвото на крстот на Христос. Во урбаните средини овој обичај обично се негува со собирање дабови гранчиња заврзани во букет.

Сламата ја симболизира онаа на која Христос бил положен кога се родил. Се става под масата, а на сламата се ставаат слатки, подароци и играчки за децата.

Според традицијата, оној гостин што прв ќе влезе во вашиот дом, рано наутро на Божиќ, посебно се дочекува со радост и со дарови. Симболично, тој ги претставува мудреците што дошле да се му се поклонат на Христос во пештерата. По верувањата, овој гостин целата следна година ќе носи среќа во тој дом.

Божиќната погача се меси рано наутро и во неа се ставаат златни, сребрени или обични парички. Домаќинот на куќата е задолжен за кршење и делење на погачата, а секому на масата му се дава по парче. Оној што ќе ја пронајде паричката се верува дека ќе има среќа цела година.

Божиќ е празник полн со симболика. Без разлика дали во вашиот дом Божиќ е традиција или сега ја учите симболиката што треба да биде почитувана, немојте да заборавите дека суштината на Божиќ е во љубовта, простувањето и милосрдието.

“Се додека имаме со кого да го кршиме лепчето, не е важно каде ќе падне паричето”.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.