Богата викенд програма во МОБ

0

Во сабота (11.02) со почеток во 20 часот, во реновираниот Салон на Македонската опера и балет ќе се одржи изведба на популарната opera buffo, „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини. Авторската екипа е составена од диригент Ѓурѓица Дашиќ, режисер е Урсула Хорнер (Австрија).

Изведувачката екипа ја сочинуваат и неколку гости: Фигаро е Маријан Јованоски, Розина е Јелена Кончар (Србија), Гроф Алмавива е Кристијан Колиа (Италија), Дон Базилио е Делјан Славов (Бугарија), Дон Бартоло е Невен Силјановски и други.

Но, Македонската опера и балет продолжува со востановената пректика за едукација на најмладата популација преку т.н. Детски викенд.

Во сабота (11.02) и недела (12.02) на Малата сцена во МОБ ќе се изведе новата детска претстава насловена како „Операта на шумските животни“. Во сабота ќе биде изведена една претстава со почеток во 12 часот, додека во недела две претстави вo два термина за почеток, од 12 и 13 и 30 часот.

Сценариото на оваа музичко-сценска претстава има за цел да ја запознае, едуцира најмладата публика со поимите во однос на оперската уметност, а воедно и со композитори, оперски пеачи, солисти, режисер, хор и сценарист. Сценариото изобилува со многу комични моменти кои се случуваат додека шумските животни се обидуваат да создадат оперска претстава.

Музичкиот дел е исполнет со популарни арии од оперите: „Кармен“, „Палјачи“, „Аида“, „Травијата“, „Рита“ и многу други арии и инструментални композиции кои се со адаптиран текст во својство на сценариото.

Сценариото и режијата се на Десанка Глигоријевиќ, а настапуваат: Лиска – Симона Петровски/Надежда Рубен, Меца – Марика Поповиќ/Катерина Бошковска, Зајко – Јане Дунимаглоски/Дејан Стоев/Борко Биџоски и Буф е Невен Силјановски.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот