„Балада за непознатиот“ – Кочо Рацин

0

„Балада за непознатиот“ – Кочо Рацин

Натаму — в поле битолско
чемрее врба проклета —
под врбата незнаен гроб,
в гроб лежи војник непознат.

Лежи от војна световна,
лежи — и веке земјосал —
силна го тага изела
задека тука загинал.

Никој крај него немаше —
вишното небо врз него,
земјата скришна под него —
над гробот врба стушена.

А таде — в гори зелени
в сума гробишта лежеа
делии — отбор јунаци
за татковината паднати.

В полноќ се над ним дрвјата
од жалба силно свиваа —
горските бистри езерца
в силна светлина светеа.

И от ним — самовилите
една по една идеа —
от гроб до гроб го дигаа
јунак до јунак — на оро.

И кога сите минеа
покрај врбата стушена —
делии се запираа
незнаен брат си викаа:

„Ја стани, море, јабанец
на оро со самовили!
Зора се зори — петлите
скоро ке в село пропеат!“

А тој от гробот тепкаше
дума врз дума чемерна: —
„Минете, браќа, врвете,
не сум ви лика – прилика!

Кој умрел за татковина
и за човечки правдини —
каде вас, братко, не гинел,
со вас до векот живеел.

Вие му песна пеете,
вие го с песна жалите —
така се сите раѓате
и така си умирате!

А тука — зошто паднаф ја?
зошто ме куршум прониза,
зошто ме земја притисна —
за кого лудо загинаф?

Кажете, браќа, кажете,
кажете — па поминете —
мене ме ништо не дига,
моата смрт е – карасмрт!“

Делии глави веднеа,
немеа самовилите —
тешко на тиа, горко им
така што гинат на војна!

Немеа — туку петлите
в селото веднаш писнаа —
самовилите в горите
с делии в раце лиснаа!

Пусто остана полето,
пусто зазори зората —
чемрее в поле врбата,
чемрее — тажи непознат.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар