Бадник во нашиот дом

0

“Се додека имаме со кого да го кршиме лепчето, 
не е важно каде ќе падне паричето”.

Денес, моето утро започна со оваа мисла, ја беше објавил еден пријател на својот Facebook профил. И почнувам да размислувам за празникот, неговото значење, суштината на обичајот…

Ова е еден од моите омилени празници, кога го посветувам денот на себе и своето семејство. Денес нема работа, нема проблеми, нема излегување, денес сме дома, сите сплотени ја подготвуваме Бадниковата вечера.

Со истиот некаков жар и расположение како во детството. Тогаш одевме на коледе. Се сеќавам, цела ноќ претходно не можев да заспијам од возбуда. Оние кои оделе, знаат. Собрани купче деца со кесичките во рака и од врата на врата. Кој најгласно ќе пее, може и најмногу ќе добие (бар се надева). Од другата страна на вратата, најчесто жени, мајки, насмеани, стојат со полни раце подароци за нас. И тие не спиеле ноќта. Подготвувале пакетчиња, добро го спакувале овојшето, за нивните коледарчиња кога ќе стигнат утрото да не ги начекаат на спиење.

Не беше важно кој колку мандарини, јаболка ќе добие, а и дете како дете тешко дека се тоа ќе изеде. Не беше ни во тоа дека ќе ја наполни домашната кошничка со намирници (сите претходно испазариле), туку беше она чувство на среќа кога некој ќе те дочека со толку радост, подготвен да ја сподели со тебе.

Денес, мајка ми ги пречека коледарчињата. Ноќеска подготви пакетчиња и ги остави на прагот во ходникот. За да и бидат поблиску кога ќе заѕвонат. Со истиот жар со кој ме испраќаше мене на коледе и ме пречекуваше со прегратка, ги дочека малите.

“Оваа година не ја местиме паричката“, се шалат моите додека се подготвува вечерата. Се правдаат дека никогаш не ја местеле. Само “случајно“, додека јас и сестра ми бевме мали, се појавуваат повеќе парички. Ако на едната и се паднала вистински, другата своето париче го наоѓаше во погачата. Сите беа среќни на крај.

А тие, кои најмногу не сакаат, само ќе се насмевнеа и “заговорнички“ ќе си намигнеа.

Денес повторно, седнуваме заедно. Како времето да запрело, повторно ние сме децата, тие се родителите. И повторно обединети во надежта за повеќе среќа во иднина.

badnikovo-grance1

Нека ви е Среќен празникот драги наши и нека ви ја донесе сета среќа која ја заслужувате!

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.