Арома маркетинг, ново оружје во борбата за клиенти

0

Модниот бренд, „Викторија сикрет“, авиокомпанијата „Сингапур ерлајнс“, модниот бренд „Гап“, но и компанијата за спортска опрема „Најк“, се само мал дел од светски познатите престижни брендови кои огромно внимание посветуваат на таканаречениот – арома маркетинг.

Станува збор за суптилно привлекување и задржување на вниманието на клиентите преку активирање на сетилото за мирис.

Тоа е посебен сегмент од сензорниот маркетинг, во којшто со помош на различни ароми се создаваат карактеристични мирисни сензации кои кај клиентите треба да разбудат пријатни чувства или доживувања.

Како што објаснува науката, молекулите на мирисот лебдат во воздухот и со вдишување доаѓаат до носот. Таму ароматичните честички се врзуваат за рецепторите за мирис, распоредени во горниот дел на носната слузница и од таму информациите се проследуваат на преработка до мозокот.

Науката докажала дека 75% од емоциите на купувачите се предизвикани од мирис. Тој се поврзува со задоволство, некаков спомен или сеќавање од минатото, што силно влијае на емоционалната состојба и расположение на клиентот.

Важно е да се знае дека перцепцијата за мирис е 10.000 пати посилна од сите други сетила. Едно истражување на Универзитетот Рокфелер во Њујорк покажува дека само 1% се сеќаваме на она што сме го допреле, 2% на она што сме го чуле, 5% на она што сме го виделе, 15% на она што сме го пробале и дури 35% на она што сме го помирисале.

Инаку, во минатото случајни промотори на мирисниот маркетинг биле пржилниците за кафе или пекарите, од кои се ширел карактеристичен мирис посакуван речиси од секој минувач.

Експертите за оваа умешност предупредуваат дека мирисниот маркетинг е нешто сосема поразлично од дезодорирање на просториите. Како што велат тие, за ароматизирање е доволно да се одбере некаква освежувачка арома, додека за промоција и маркетинг, мирисот мора да се поврзе со дејноста, артиклите или имиџот на компанијата.

Мирисниот маркетинг прв го употребил познатиот Волт Дизни, кога во еден од забавните паркови почнал да распрскува мирис на свежи пуканки, со цел да ја поттикне продажбата на артиклот. Секако, трикот успеал и било забележано дека на локациите каде што се применувала новата тактика продажбата на пуканки се зголемила за 20 проценти.

При објавување материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот