Александра Филиповска од Арс Ламина: „Имаме многу нови наслови кои вреди да се прочитаат“

0

Денеска завршува 30-тиот Саем на книга. Hybread.mk беше дел од случувањата со екипа кој следеше што се случуваше изминатите неколку дена.

Голем број издавачки куќи, многу новитети и промоции, нови наслови вредни за читање.

На штандот на Арс Ламина разговаравме со Александра Филиповска, одговорна за продажба, која ни кажа кои се новите наслови кои ги промовираа.

„Издавачката куќа „Арс Ламина“ како секоја година, така и оваа е учесник на саемот. Годинава малку во видоизменет, стеснет простор, меѓутоа, за среќа луѓето се информирани, доаѓаа. Тие што сакаат да дојдат во книжарница, доаѓаат и на Саем на книга да си купат по нешто ново. Ние, како и секоја година имаме многу нови наслови кои што се на промоција овде и вреди да се прочитаат. Би ги издвоила следните:

„Добра ноќ за бунтовни девојчиња“ – одлична книга која што ја опфаќа младоста на многу познати жени низ историјата. Посебна е, убава и остава простор за креативност бидејќи на задната страница можеш да си ја напишеш својата лична, бунтовна приказна и да си нацрташ портрет.

Уште една книга која што имаше промоција е „Динга стоп“ на Владимир Плавевски каде што се раскажуваат многу скопски приказни.

„Прирачник за патување во Париз“ на Јана Мишо е уште еден новитет на Арс Ламина. Интереесно е што за првпат оваа година на Саемот, присутните гости кои ќе купат книга од авторката, можат да учествуваат за подарок – патување во Париз. Причината за тоа е фактот што во сите нејзини книги се провејува Париз. Одлично го прави тоа Јана Мишо и ги запознава младите со Париз на посебен начин.

Арс Ламина и Literatura.mk на овој саем донесоа буквално сè што досега имаат издадено. Што се однесува до детските наслови, белетристика за возрасни, стручна литература, ѕвезди на светска книжевност и она по кое што сме најпрепознатливи – биографиите и автобиографиите годинава ги има во уште поголем број бидејќи тие треба да го пренесат успехот, да ги мотивираат младите да си напишат своја приказна. Има многу успешни приказни кои што почнале од ништо, а завршиле со многу. Една од нив е новитетот оваа година на саем – Приказната за ЕРБИЕНБИ, како успеале двајца млади, нешто феноменално и мотивирачко.

Автобиографија на Агата Кристи е уште еден новитет. Оваа жена е феномен сама по себе, има напишано многу трилери и крими романи. Таа е жена која што живеела обвиена во мистерија, причина заради која нејзината автобиографија е поинтересна за читање.

„Тито и другарите“ уште една книга која е навистина интересна, потоа книгата за кралицата Елизабета, односно биографија за една од највлијателните владетели во историјата. Книгата за таткото на психоанализата, Зигмунд Фројд е дело кое го препорачуваме.

Ние се трудиме колку што можеме повеќе да издаваме наши автори. Така тргна целата акција со бајките од Македонија. Инспирација беше нашето творештво овде, со тоа што Билјана Црвенковска направи адаптација на текстот. Тоа се стари македонски приказни собирани од Марко Цепенков, во ново руво, адаптирани за деца со одлични илустрации.

Во соработка со „Браво сине“, после бајките, ни дојдоа и басните, кои пак отворија пат за многу македонски автори да се промовираат да се поттикнат да пишуваат приказни и романи. Тоа е одлична новост за сите нас бидејќи имаме квалитетни автори кои допрва треба да се докажуваат. Само треба да им се даде можност. Таков беше случајот со Јана Мишо, таа ни е првенче. Млада девојка која што преубаво пишува.

Друг новитет е „За два дена рече ДА“ од Душко Трифуновски, а имаме голем број на романи за деца од домашни автори.

„П.С ми се допаѓаш“ е нов превод кој сега го промовираме, а е за млади адолесценти. Зборува за средношколци, за една невина љубов каде што верувам дека секој ќе се пронајде од таа популација.“

Иако Саемот на книга завршува денеска, книгите од Арс Ламина можат да се нјадат во нивната книжарница каде има огромен избор на наслови.