73 години од депортацијата на македонските Евреи

0

Еврејската заедница во Македонија денес одбележува 73 години од депоратацијата на 7.144 македонски Евреи во концентрациониот логор Треблинка. По тој повод, делегација од Еврејската заедница денес ќе ги посети градовите Битола и Штип, градови во кои до 1943 живееле наголем број на Евреи.

Централното одбележување ќе биде денес во Скопје. Ќе се положат цвеќиња на местото каде што бил привремениот логор-Монопол, и на Еврејските и партизанските гробишта во Бутел. А во Салата на седници на Советот на Град Скопје ќе се одржи комеморативна седница.

Ноќта помеѓу 10-ти и 11-ти март 1943, биле уапсени сите Евреи од Македонија, и ставени во Монополот кој бил тогаш привремен концентрационен логор. Денес на ова место се наоѓа Тутунскиот комбинат. На 11-ти март, сите Евреи од Битола Штип и од помалите градови, биле ставени во сточни вагони и доведени во скопскиот Монопол, каде што останале до крајот на март во екстремно тешки услови. Сиот имот им бил одземен а парите и накитот конфискувани. Потоа, повторни биле натоварени и однесени во Полска, во логорот на смртта Треблинка.

evrei

Таму биле и егзекутирани. Во Треблинка биле убиени 98% од македонските Евреи, ниту еден од нив не успеал да се врати. Според проценките, во Треблинка биле убиени околу 900 илјади луѓе, од кои над 750.000 биле Евреи.

Во март 2011 година, во некогашното Еврејско маало во Скопје, свечено беше отворен меморијалниот центар на холокаустот на македонските Евреи. Објектот е изграден со средствата од имотите на убиените македонски Евреи кои немале наследници.

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот