Колку од вас се ЗА, а колку ПРОТИВ користење на јавен превоз?

0

Утро во февруари, денот штотуку започнал, ти си стануваш, пушташ радио и весело свиркаш бидејќи среќата е на твоја страна утринава. Не заради друго, туку заради тоа што си се наспал, па имаш енергија за тоа.

Се тушираш, пиеш цеден сок или кафе и излегуваш. Не ти се влегува во кола и решаваш да тргнеш пеш. До кај стигнеш не е важно, на пола пат ќе фатиш и автобус. И си одиш така по Партизанска, во правец од Тафталиџе накај Центар, го следиш дрворедот и си уживаш.

Арно ама сфаќаш дека времето е пред тебе, мораш да побрзаш за да стигнеш на работа.  Во еден момент помислуваш да викнеш такси ама некако не ти се прави ќеиф многу и така додека си на мисла што и како, доаѓа автобус, застанува пред тебе и ти веќе си внатре.

Среќа рано е и нема многу гужва, средношколците веќе заминале, другите кои се возат не се напорни оти секој си гледа своја работа и не е пензионерски ден. Идеално!

Одиш на вториот кат, клима, фина музика, седнуваш и автобуските станици почнуваат да се редат.

Си седиш така и размислуваш – Зошто градскиот превоз не се користи многу повеќе од сопствениот со автомобил?

-За разлика од порано сега доаѓаат на време и има многу повеќе линии. Кој се  сеќава на минатото знае дека тогаш немаше шанси да дојде автобус на 7 минути, што сега е реалност.

-Порано климата беше поим, се климатизиравме со промаја од прозорците.

-Возачите внатре пушеа и слушаа гласна музика по сопствен избор и тоа најчесто звучеше како свадба.

-Немаше доволно места за седење, па сите некако беа во стилот на ‘хепи туна’.

Денес, има клима не само во државните, туку и во приватните автобуси(ок, во најголем дел има). Пушењето е строго забрането, музиката е фина, а ако е личен избор на возачот, тогаш е тивко пуштена.

Од друга страна пак, има и многу ситуации во кои сакате да одржите воспитни лекции на останатите патници и да им кажете дека:

-во автобус не се чепка нос;

-не се зборува за приватниот живот на колешката;

-не се зборува ни за сопствениот оти никого не го интересира;

-телефонот не мора да биде најгласно пуштен;

-не мора да се вика додека се зборува на телефон, оти тој од другата страна слуша секако;

-местата означени за лица со посебни потреби и мајки со деца треба СЕКОГАШ да бидат слободни, бидејќи тие не служат за потпирање на торбите;

-средношколците да научат дека автобусот не е нивна сопственост за да престанат да скокаат по него како во зоолошка;

– не се „дише во врат“ на личноста пред тебе..

Но, сите овие ситуации се минливи и може да се поправат. Да, има многу работи ПРОТИВ, но многу повеќе ЗА користење на јавен превоз.

Додека си размислуваш така, веќе дошла твојата станица и стигнуваш на време на работа.

Можеби предноста со сопствен превоз е удобноста, но сè друго е против тоа. Во јавниот превоз можеш да се опуштиш, да читаш весник, да не се грижиш каде ќе паркираш, дали ќе најдеш паркинг во центар, колку тоа ќе те чини оти е скапо, дали ќе ти ја изгребаат колата(што често се случува да биде така), кој недозоволено те претекнал, помалку нервози и стрес, а супер е тоа што можеш да си дременеш.

Економски е поисплатливо, еколошки е препорачливо, а многу често и социјалниот момент е добредојден, ако сте расположени за тоа.

А сега, колку од вас се ЗА, а колку ПРОТИВ користење на јавен превоз? 🙂

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.

Остави коментар