ИНТЕРВЈУ со Дарко Петрески, физиотерапевт со повеќе од 15 години искуство

0

Рекреативните спортови заземаат добар дел од секојдневието на современиот Македонец последниве години. Но, покрај активниот атлетски живот, потребно е да се внимава и на телесната состојба, мускулите, коските, лигаментите, тетивите и сите елементи на телото кое може нагло или постепено да настрадаат при активност.

Зборуваме со Дарко Петрески, физиотерапевт со повеќе од 15 години искуство.

  1. Како ја оценувате зголемената свесност за спортови кај нас?
  • Трендот на спортување е се по присутен во МК и искрено тоа ме радува. Спортот како составен дел од секојдневниот живот носи промени во начинот, односно стилот на живеење. Луѓето се порелаксирани, поведри, се менува секојдневната рутина, се менува начинот на исхрана всушност стануваме свесни дека грижата за самите себе треба да е на повисоко ниво.

  1. Македонците се повеќе користат теретани, трчаат, планинарат и возат велосипед. Кој од овие спортови е најкорисен и кои се добрите и лошите страни на овие активности?
  • Секој спорт, односно секоја активност е корисна. Добра страна е што сите знаеме дека да се спортува е здраво, но лоша страна е што не сме доволно информирани кои се последиците од било кој спорт при неправилно спортување. Се форсираме, односно ги оптеретуваме мускулите затоа што сме си поставиле краткорочна цел, без претходно добро да ги загрееме мускулите, да направиме истегнување и движење на секоја мускулна регија и зглоб, а при тоа се заморуваме на самиот почеток. Заради неправилно изведување на активноста, настанува повреда, а не се третира соодветно и ред други последици.

  1. Спортот после 40тата. Што би препорачале на оваа група активни рекреативци?
  • Годините не се пресудни за изборот на спортот како што и претходно споменав доколку постои дисциплинирано однесување. Сепак, треба да се внимава околу напорот и типот на рекреирање, спортување, бидејќи може лесно да настане повреда. Но, доколку не се спортува или во животот на поединецот не е застапена никаква активност јас на сите би им препорачал пешачење или брзо одење и масажа заради одржување на мускулатурата, регулирање на крвниот притисок, подобрување на циркулацијата .

 

  1. Колку е важна превентивната спортска масажа?
  • Како викаат “Ако вежбањето е твојот живот, масажата треба да ти биде награда„ . Кога се спортува масажата не е превентивна, таа е составен дел од процесот на вежбање. Масажата треба да ни биде култура на живеење и составен дел од животот. Со тоа се подобрува работоспособноста на луѓето, се подобрува расположението и најбитниот момент е да живееме без болка. Сите знаеме дека зад секој успешен спортист стои цел тим на физиотерапевти кои се грижат за неговото здравје, односно за состојбата на неговото тело.

  1. Како да се зголем свеста за спортска масажа, физикална терапија пред да се случи незгода?
  • Многу е мал бројот на оние кои редовно се третираат, а најголемиот дел од луѓето се третираат кога ќе се појави одреден проблем. Зголемувањето на свеста за потребата од масажа оди многу бавно што не е добро, затоа што некогаш е многу касно па со било каква терапија проблемот не може да се санира. Луѓето мора да сфатат дека масажата треба да им биде начин на живот. Мора да се зголеми едукацијата на луѓето за бенефитите од физикалната терапија, медицинските масажи и слично преку печатени медиуми, електронските портали, па дури и социјалните мрежи. Ќе дадам еден пример, автомобилот го носиме на сервис за да може да не служи. Зарем не треба редовно да го сервисираме и нашето тело, како би не служело? Зарем предметите се поважни од нашето тело?

  1. Какви незгоди најчесто вие се теретирате и кои методи ги користите?
  • Во нашиот центар се третираат голем опсег на спортски повреди, како што се: мускулни грчеви, миогелози, истегнувања, дисторзи и сите дегенеративни промени на прешленските тела и сл. Покрај спортските третмани, најзастапени се секојдневните заболувања на мускулноскелетниот систем, спондилоза, дископатија, дискусхернија, ишијалгија, главоболки и мигренозни болки, болки и ограничени движења во зглобовите, постоперативна рехабилитација, разни дијагнози кои го отежнуваат движењето и.т.н.

Методите кои се користат, првенствено професионална мануелна терапија (медицинска масажа) без која не може да се замисли ниту терапијата, кинезитерапија (вежби), електростимулации (TENS), вендузитерапија и акупресура.

  1. Каков е вашиот став за методата со вендузи? Имаше гласна медиумска диксусија летово на темата?
  • Точно така, имаше доста дезинформации од лица неупатени во таа техника, што доведуваше до сомнеж кај пациентите околу истата.

Но, со сигурност Ви тврдам дека е една од најдобрите природни техники за реапсорбирање на млечната киселина и остеофитите (калцификатите) од мускулите, за зголемена циркулација и враќање во функција на мускулите. Како потврда на сето ова што Ви го говорам е користењето на вендузите од страна на олимписките натпреварувачи во пливање на последните олимписки игри, особено на светскиот и олимписки шампион во пливање Мајкл Фелпс и други спортисти.

  1. Што им препорачувате на сите рекреативни и професионални спортисти, но и лица кои не се бават со спорт поврзано со навиките и културата за физикално здравје?
  • Спортот, професионално или рекреативно да го практикуваат сите без разлика на возраста и оддржување на состојбата на телото со масажи. Да се менуваат навиките во животот, да се зголеми свеста дека грижата за нас самите треба да ни биде приоритет.

При објавување на  материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.