ИНТЕРВЈУ со Д-р Драгана Емел Маркоска на тема здравјето на децата

0

Драгана Емел Маркоска е доктор по педијатрија веќе 10 години наназад, а во моментов работи како матичен педијатар во ПЗУ Д-р Ложанковски. За себе вели дека ja сака оваа професија бидејќи е една од најпредизвикувачките области во медицината која ја работи со многу љубов и посветеност.

Разговараме на тема воспитување на деца, заштита на нивното здравје во овој период од годината и совети како полесно родителите да ги совладаат предизвиците со кои се соочуваат.

Драгана, Вие сте доктор по педијатрија веќе 10 години. Зошто се одлучивте токму за оваа медицинска гранка?

На почетокот кога започнав да работам за многу кратко сфатив дека најубавиот дел од медицината е насмевката и прегратката на оздравено дете. Според мене, оваа гранка е најпредизвикувачката од сите гранки во медицината. Работиме со најмалите членови во нашето семејство, обидувајќи се да пораснат во една здрава и успешна младина.

Чувствувате ли разлика од почетокот на работата и сега – сигурно искуството си го направи своето?

Се разбира дека со искуството се чувствувам посигурна во работењето на својата работа.

Новите родители се тие кои имаат најмногу прашања. Кои се најчестите на коишто одговарате секојдневно?

Сите нови родители имаат “список“ со прашања. Кога ќе размислам сите имаат скоро слични прашања. На почетокот тие се насочени кон тоа како да не згрешат во обезбедување на услови за новороденчето да се чувствува добредојдено во овој свет, во нивниот дом. Како расте бебето, така се менуваат прашањата.

На што најмногу треба да внимаваат родителите во овој период од годината, со оглед на тоа дека постојано се соочуваат со здравствени проблеми на своите деца?

Сега започнува период кога загадувањето и тмурните денови ќе бидат заменети со денови исполнети со сонце. Овие денови се буди природата, но со тоа започнуваат да се будат и растенијата и дрвата, а со тоа и да се зголемува количеството полен во воздухот и се зголемува инциденцата на алергиски заболувања. Така што во овој период им препорачуваме на родителите да започнат со заштитните мерки од алергија, како употреба на заштитни средства да се минимализира контактот со алергените, често миење на носето и очите. Но доколку сето тоа не е доволно, се препорачува да се намали престојот надвор.

Мислите ли дека градинките се извор на вируси и бактерии?

Градинките се важен дел од правилниот развој на нашите деца. Тоа се колективни установи кои децата ги учат на нови работи, се стекнуваат со вештини кои се потребни во понатамошниот живот, но и установи во кои децата се дружат. Секоја установа во која има повеќе деца може да е потенцијален извор на вируси и бактерии, но сепак со одржување на личната хигиена и водењето сметка за здравјето на детето од страна на родителите ќе се минимализира изворот на зараза т.е. градинките нема да бидат извор на страшни бактерии и вируси.

Кои се најчестите грешки на родителите, кога се во прашање бебиња до една година, но и понатаму во текот на детскиот развој?

Најчестите грешки на родителите т.е. може да се каже најчестата грешка е презаштитничкиот став кој го имаат кон своите деца. Родителите, обидувајќи се да ги заштитат од сè и сешто тие им помагаат во извршување на основните работи и со тоа го успоруваат нивниот нормален развој.

Како родителите да ги научат децата да бидат самостојни?

Постепено со давање на одредени задачи и повторување на истите, децата ќе се научат да бидат самостојни. Најважно е задачите да бидат соодветни за возраста на детето т.е. очекувањата на родителите да бидат соодветно со детето и неговата возраст.

Што мислите за групите за поддршка на мајки кои се многу актуелни и активни периодов, дали се од помош или само го зголемуваат проблемот, бидејќи таму секој секого „лечи“?

Групите за поддршка се многу актуелни во моментов. Веројатно нивното настанување е со цел да им се помогне на одредена група на луѓе кои имаат слични проблеми или да се споделат искуства за одредени работи. Но постоењето на групите треба да биде само тоа – поддршка. Ова сега што се случува мислам дека е излезено малку од контрола. Ако сте болни треба да одите кај вашиот лекар, педијатар и да се посоветувате со него.

Постојат ли стереотипи во однос на растењето и воспитувањето на децата кои се обидувате да ги разбиете?

Може да каже дека живееме во средина каде стереотипите во минатото биле многу застапени. Сега “новите“ родители се трудат тоа стереотипно однесување да го разбијат и можам да кажам дека се на добар пат. За среќа 🙂

Подготви: Билјана Настеска – Каланоска

Фото: Приватна архива

При објавување на материјали од порталот www.hybread.mk во друг медиум, задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот.